Од општина Бутел денеска започна акцијата за чистење на главниот град, која ја најави градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, во соработка со Агенцијата за вработување и Минстерството за труд и социјална политика. За истата се ангажирани стотици невработени лица заедно со јавните претпријатија.
За чистење на секоја од општините, Шилегов, ги повика сите граѓани, сите општествено одговорни фирми, институции и невладини организации да се приклучат во акцијата која би требало да трае околу дваесетина дена. Предвидени се по ден-два за чистење на секоја од општините, во зависност од нивната големина.
Акцијата која претставува една од краткорочните мерки за намалување на загадувањето на градот ќе се спроведе во сите 10 општини во Скопје. Целта на истата е чистење и миење на улиците од прашината која со години се таложи.
Шилегов изјави дека откако ќе завршат со чистењето во општините, ќе се чисти и кејот на реката Вардар.
Акцијата за чистење на Скопје се предвидува да стане традиционална која ќе се реализира секоја есен и пролет.