Општина Ресен заедно со повеќе невладини организации денеска започнува со дводневната манифестација „Запознај ја Преспа“, со цел преку дружење, спортски активности, трибини и промоции да ги поттикне и сплоти младите од регионот, пред сè од нашата земја, Грција и Албанија.
Денешната програма започнува во 18:00 часот во Отешево, во хотелот „Lake view“ со одржување на Панел дискусија на тема: „Европски придобивки за регионот Преспа- искуства и можности“, во организација на Агенцијата за млади и спорт (АМС). Учесниците на панелот ќе дискутираат за можностите за развој на преспанскиот регион, зајакнување на прекуграничната соработка меѓу трите земји и начини за ефикасно искористување на европските фондови кои ќе донесат низа економски придобивки за граѓаните од Преспа.
На панел-дискусијата ќе учествуваат директорот на АМС, Дарко Каевски, Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ, градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, Михалис Петракос, советникот на градоначалникот на Општина Преспа, Лемос, Цвета Трајче, локален координатор на Агенцијата за заштита и презервација на природата во Албанија и Димитар Низамовски, извршен директор на Младинскиот образовен форум (МОФ).
Програмата за дружење и обединување на младите продолжува со концерт од 20:00 часот, на кој ќе настапат музичките групи „Нокаут“, „Бла, бла, бла“ и грчкиот реге бенд „Anima Nation“, како и локалните групи „Инстикт“, „Реприза“ и Екстраваганца“ започнува во 20 часот.
Во неделата манифестацијата започнува во 10 часот со велосипедска и планинарска тура на планината Галичица.
Со акција за садење дрвја, во која ќе учествуваат стотина млади од нашата земја, заедно со млади од Грција и Албанија, ќе биде обележана првата годишнина од Преспанскиот договор.
Дел од организираните активности наменети за младите од регионот е и еколошката акција за чистење на околината на Преспанското Езеро.
Во селото Долно Дупени, од 12 до 17 часот ќе биде организиран Фестивал на храна, со дегустација на традиционална храна подготвена од „Рурални жени од Преспа“ и презентација на локални органски производи и јаболка организирани од фармата „Духот на Преспа“ и Општината Ресен.
Проектот е подржан од Агенцијата за млади и спорт (АМС) и е дел од активностите за кампањата „ЕУ за тебе“. Како партнери на настанот се и фармата „Духот на Преспа“ и НВО „ Преспа ГРАД“ и „Еко Герила“ Ресен.