Минималната плата ги даде очекуваните резултати. Таа освен што ги изедначи вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија со останатите гранки, придонесе за зголемување на просечната плата во овие сектори, но и на просечната плата во Македонија во висина од 5,6 проценти, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
,,Со Законот кој се усвои во 2017 година, за прв пат се изедначи минималната плата и за работниците во текстилната и кожарската индустрија со други гранки. Со тоа постигнавме зголемување на просечната плата во производство на облека за 16%, а во текстилната индустрија за 24%, односно за 3.870 денари. Тоа покажува дека законот си ја заврши својата работа затоа што по статистика, 90 илјади граѓани добија покачување и земаат над 12 илјади денари плата. Со тоа добивме и покачување на просечната плата во Република Македонија за 5,6%.’’ – изјави Царовска.
Покачувањето се одвива без поголема поддршка од буџетот, односно само мал процент од фирмите аплицираат за субвенции. Ова покажува дека фирмите се во кондиција и можат да ја исплаќаат мининмалната плата, а тоа не се одразува негативно на самиот бизнис. Според министерката, има и други аспекти кои треба да се разговараат со работодавачите, како инвестиции во технолошкиот развој, но законот за минималната плата ја оствари својата цел и ги даде резултатите.
Директорот на ОКИТЕКС, Миле Миленковски, кој заедно со претставникот на Синдикатот при ССМ, Душко Радовски имаше средба со министерката во фабриката, рече дека во разговорите се согласиле дека Законот за минимална плата го дал очекуваниот резултат.
Додаде дека е по ова е потребно да се оди напред со модернизација што ќе донесе за поголем извоз на производи во Европа.
Со порастот на минималната плата, но пред се и нејзиното изедначување со во сите гранки, според Радовски, Синдикатот успеал да направи услови работниците од овие три гранки да не бидат од втор ред и да го добијат заслуженото место во Македонија.
Рече дека разговорите треба да продолжат, бидејќи, како што рече, кога има желба и волја да се среќавате и да разговарате за другите проблеми кои ги засегаат и едната и другата страна тогаш може да се дојде до успешни решенија.
Д.М.