Се зголемува застапеноста на жените на водечки и одлучувачки позиции во државата, но ова треба да стане одржлива политика и секогаш да имаме на ум дека статусот на жените е тесно поврзан со напредокот, успехот и добросостојбата на една земја. На светот му се потребни упорноста и трпението со коишто жените им пристапуваат на проблемите, особено имајќи го предвид актуелниот политички и безбедносен контекст во светот.
Ова беа дел од заклучоците од денешната втора меѓународна конференција „Жените во надворешната политика“, што ја организираше Министерството за надворешни работи. Конференцијата е под покровителство на премиерот Димитар Ковачевски.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи порача дека општествата се многу стабилни доколку жените се политички и економски моќни.
Министерството за надворешни работи смета дека унапредувањето на застапеноста на жените во надворешната политика и на водечки и одлучувачки позиции е од суштинска важност. Сметаме дека тоа е важен фактор во фомирање на создавање на попријателска, покооперативна средина, додаде Османи во своето излагање на конференцијата.
Тој напомена дека како држава членка на НАТО, а од неодамна и како земја која преговара за членството во ЕУ и за неколку месеци претседавач на ОБСЕ, Северна Македонија особено се залага за понатамошно унапредување на родово одговорни политики и подигање на свеста за родовата еднаквост.
Историјата покажува дека централната одлука на жените е клучна за напредокот на општеството. Денес жените конитнуирано си ги засилуваат позициите во сите области на животот. Жените на водечки места стануваат се повидливи. Задоволен сум со напредокот што ние го постигнуваме, затоа што се зголемува застапеноста на жените на водечки и одлучувачки позиции, но треба ова да стане одржлива политика и секогаш мораме да имаме на ум дека статусот на жените е тесно поврзан со напредокот, успехот и добросостојбата на една земја, додаде Османи.
Заменик на Претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, Славица Грковска во своето обраќање на отворањето на конференцијата посочи дека Владата на Северна Македонија има цврста определба да креира политики кои ќе создадат услови за родова еднаквост во сите полиња.
Во нашите политики како Влада ги имаме предвид заклучоците од минатогодишната конференција, за потреба од зголемување на учеството на жените во надворешната политика, во процесот на донесувањето одлуки, но и во однос на целокупната улога на жените во општеството, како активни и конструктивни политички чинители, како и потребата од поголема вклученост на жените во бизнис секторот. И, во оваа прилика, ги реафирмираме нашите определби и позиции, додаде Грковска.
Таа потсети дека Генералното собрание на ОН оваа година прогласи Меѓународен ден на жените во дипломатијата, бидејќи е неопходен ваквиот пристап кон решавање на проблемите имајќи го предвид актуелниот глобален политички и безбедносен контекст во светот.
Успешните приказни на жените дипломатки може да бидат инспирација на новите генерации девојчиња и девојки, кои се гледаат себеси на лидерските и дипломатските позиции, а треба да се свесни и за вредностите и потенцијалите што можат да му ги дадат на светот. Кога зборуваме за еднаквото учество на жените во дипломатијата, мора да имаме предвид дека потреба за родова еднаквост има секаде, додаде вицепремиерката Грковска.
Според неа, еднаквоста меѓу жените и мажите е важен показател дали и до кој степен едно општество е праведно.
Праведното општество е предуслов за мирот во државите и светот и затоа ова прашање не е „женско“, туку ги засега подеднакво жените и мажите, порача Грковска.
Заменик министерката за Европа и надворешни работа на Република Албанија Меги Фино на конференцијата посочи дека во Албанија во поголем дел од министрите во Владата се жени, претседателот на Собранието е жена, и откако почнале преговори за членството во ЕУ имаат главен преговарач кој што е жена.
Сите овие жени се високо квалификувани и искусни и го обезбедуваат функционирањето на нашата земја. Улогата на жените во политиката останува предизвик и мора да остане во центарот на нашите дисксуии за да се обезбеди целосно спроведување на нашите заложби, додаде Меги Фино.
На дводневната меѓународна конференција, која продолжува утре, учествуваат бројни политичари, претставници од граѓанскиот сектор, како и експерти за родови прашања од земјава и од регионот, на повеќе панели ќе се дискутира на повеќе теми, меѓу кои и за улогата на жените во време на криза, за придонесот на граѓанскиот сектор во процесот на носењето на одлуки, како и за жените во мултилатералната дипломатија.