Околу 50 проценти од затворениците на ниво на цела држава, повторно не успеале да го остварат своето право на глас во вториот круг од локалните избори, велат од канцеларијата на Народниот правобранител. Причините за тоа се истекувањето на нивните документи, а оние кои ги имаат обновено не се најдоа на избирачките списоци.
Според портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска, 939 лица кои се во затвор или се притвор, требаше да гласаат во казнено-поправните домови, на вториот круг од локалните избори.
Болните и немоќни лица најдоцна до 21 октомври имаа можност да ја известат Општинската изборна комисија за гласање во домашни услови, а лицата кои се во домашен притвор три дена пред денот на изборите, објави ЦИВИЛ-Центар за слобода, во текстот за тоа што треба да се знае во пресрет на вториот круг.
Во еден од извештаите на ЦИВИЛ-Центар за слобода, за првиот круг на локалните избори, исто се забележани неправилности во затворите. И тогаш, голем дел од затворениците и покрај тоа што имаа исправни лични карти, не успеале да го остварат своето право на глас, поради тоа што нивните имиња не се најдоа на избирачкиот список.
A.П.