На денешното рочиште од процесот познат како „Поткуп“, во кој обвинет е премиерот Зоран Заев, одбраната побара изземање на снимките од посебните истражни мерки кои веќе беа објавени, a судењето е одложено за 27 септември.
„Согласно законот, посебната истражна мерка којашто е јавно објавена, не се употребува како доказ. Бевме на двоумица дали таа снимка да ја презентираме јавно во целовитоста, за да се дознае во суштина самиот предмет, или да бараме нејзино изземање заради тоа што законот тоа го дава. Сепак, одлучивме да ги користиме сите законски можности и Судот ќе донесе решение, согласно барањето на адвокатите, и буквално, ние сме на двете страни. Како и да одлучи Судот, така и ќе ги користиме нашите права“, изјави Заев.
„Јас лично, како обвинето лице, очекувам и сакам таа снимка да излезе во јавноста, да се види целовитоста на дејствието коешто се случувало и да се види дека ниту имав намера, ниту се случил било каков поткуп. Но, истовремено, согласно правото и она што законот го овозможува, недозволиво е да се заобиколи тој дел од законот, а вакви посебни истражни мерки коишто судот и претходно одлучувал да бидат изземени како докази во постапката. Поради таа можност, заедно со мојот правен тим, донесовме одлука,денеска да го побараме тоа законско право коешто ни следува. Секако, штом судот ќе се изјасни, веднаш продолжуваат следните дејствија кадешто очекувам правда“, смета Заев.
На прашањето дали очекува Обвинителството да истражи од каде излегоа овие снимки, Заев истакна дека веќе две ипол години Обвинителството истражува без резултат.
„Се знае по закон дека постои само една снимка, не може да постојат две, дека должен и за нејзино чување, управување и процесуирање понатаму е само јавниот обвинител и веднаш истата снимка се појавува на Јутјуб. Не треба да се биде посебен експерт или посебен стручњак во оваа област, да се знае дали е истата снимка или не е“, одговори Заев.
Во случајот „Поткуп” актуелниот премиер Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица, побарал поткуп од околу 200.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за приватизација на државно земјиште.