ВЕСТ НА ДЕНОТ
Зеленски го подигна украинското знаме во ослободениот Изиум
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го посети неодамна ослободениот град Изиум во областа Харков, изјави прес секретарот на претседателот, Серхи Никифоров за Укринформ.
Според портпаролот, додека бил во Изиум, Зеленски „учествувал на церемонијата на подигнување на украинското национално знаме и им честитал на ослободителите“.
Во исто време, 25-та одделна воздушно – десантна бригада Сичеслав на Фејсбук напиша дека на претседателот на прославите по повод веењето на украинското знаме во Изиум му се придружиле заменик-министерката за одбрана Хана Малиар, командантите на армијата и другите сили чии единици учествувале во ослободување на градот од руските агресори.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Од пратеничката група на ДУИ истакнуваат дека иницијативата на опозицијата е насочена кон попречување на патот кон Европската унија.
Жалам за антиевропското убедување и делување на опозицијата, но едно е јасно, дека враќање назад нема да има, дека земјата нема да се изолира од останатиот демократски свет. Сега кога веќе официјално почнавме преговори со Европската унија, повикуваме на формирање широк проевропски фронт на политички партии, невладини, медиуми, граѓани. Го повикуваме про-европското крило во рамките на опозицијата да направат сè за да не се загрози членството на Република Северна Македонија во НАТО и да запре нејзиниот европски пат, истакна Арбер Адеми.
ФЛЕШ ВЕСТИ
СУДСТВО Уставниот суд не донесе одлука за предметот кој опфаќа работа во недела, поради недоволно мнозинство гласови, изјави портпаролката на Судот Христина Беловска по седницата на која се расправаше по иницијативата поднесена од Стопанската комора на Северна Македонија во која е оспорен Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи кој во својата содржина опфаќа „работа во недела”.
ДИПЛОМАТИЈА Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од заменикот на претседателот на Владата, Бојан Маричиќ и од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, се сретна со делегатите од 27-те земји членки на ЕУ во Работната група на Советот на ЕУ, задолжена за проширување и за земјите коишто преговараат за пристапување (КОЕЛА), предводена од Јавурек Леош и придружувани од амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.
ИНТЕГРАЦИИ Преговарачкиот тим на Северна Македонија утре и задутре ќе го обновува своето знаење за законодавството на ЕУ, во пресрет на отпочнувањето на билатералниот скрининг, јавува МИА од Брисел. Тимот, составен од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) и од претставници на надлежните институции, утре во Брисел, а задутре во Луксембург ќе одржи објаснувачки скрининг со Европската Комисија, прв пат од 2019 година.
ОДБРАНА Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз денеска на армискиот полигон „Криволак“ присуствуваа на вежба на припадниците на Армијата, која ги вклучуваше новите оклопни возила JLTV Oshkosh и армиските хеликоптери.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Легендарниот гитарист и лидер на „Dire straits“, Марк Нофлер, објави на Твитер дека се придружува
на аукцијата (за собирање пари за помош за Украина) на GibsonGuitarUK, заедно со мноштво други уметници кои стојат заедно со народот на Украина.
*
Тела на цивили со траги од тортура пронајдени во регионот Харкив, во деокупираната Балаклија пронајдена комора за мачење цивили.
СЛОБОДНА ЗОНА

„Најевтина и најефикасна алатка за подривање на демократското ткиво на едно општество е радикализацијата, најчесто во облик на национализам, односно национал шовинизам. Како шумски пожар, национализмот лесно и брзо се распространува и уште полесно ја замаглува реалноста, го дели општеството и потоа воспоставува репресија и контрола чии основни карактеристики се стравот и насилството. И тешко се гаси, бидејќи „се храни“ со лесно запаливи материи како што се бесмислиците и кичот“, пишува Џабир Дерала во колумната „Бесмислици и кич“.

„Позицијата не ѐ владетел кој поседува се во државата. Таа е само одраз на мислењето и расположението на граѓаните на последните избори. Ако не ја уважава опозицијата тогаш не ги почитува ниту граѓаните кои не гласале за неа. Нема реализација на нејзините политики и проекти ако нема доверба во половина или повеќето од граѓаните“, пишува Војо Маневски во колумната „Магнетизам“.
„Берлинскиот процес, на прагот на своето рестартирање, наспроти оптимизмот и широката насмевка со која се враќа на секогаш бурниот (Западен) Балкан, треба да одговори (искрено) на повеќе прашања. На пример: Зошто го снема, за да мора да се враќа? Дали Западен Балкан ќе го добие неопходниот приоритетен статус, особено во контекст на хибридната и оружената воена закана што доаѓа од Москва и други потенцијални закани за регионот? Има ли Берлинскиот процес капацитет, посветеност и ресурси да му помогнат да започне суштински трансформативни процеси, вклучително и процесот на помирување, наспроти тенденциите кои со еден збор се нарекуваат стабилократија?
Особено затоа што се работи за Балкан, и тоа Западен“, пишува Џабир Дерала во анализата „Врзете ги појасите, Берлинскиот процес се враќа!“.
Д. Муратов












