Украинскиот претседател Володимир Зеленски вели дека му рекол на претседателот Трамп дека санкциите кон Русија треба да се зајакнат „доколку нема трилатерален состанок или ако Русија се обиде да избегне искрен крај на војната“, објави Би-Би-Си.
„Санкциите се ефикасна алатка“, додава тој во соопштението.
Тој повторува дека „сите прашања важни за Украина мора да се дискутираат со учество на Украина и ниту едно прашање, особено територијалното, не може да се реши без Украина“.
По разговорите со Трамп и координацијата со европските лидери, Зеленски вели дека позициите се јасни: „Мора да се постигне вистински мир, таков што ќе биде траен, а не само уште една пауза помеѓу руските инвазии“.
Тој повикува на прекин на убиствата, прекин на огнот на земја и на небото, ослободување на украинските воени заробеници и на одржување на притисок врз Русија додека продолжуваат борбите.
„Безбедноста мора да се гарантира сигурно и на долг рок, со вклучување и на Европа и на САД“, додава Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните мрежи соопшти дека имал телефонски разговор со претседателот на САД, Доналд Трамп, по самитот во Алјаска.
„Имавме долг и суштински разговор со претседателот Доналд Џ. Трамп. Започнавме со разговори еден на еден пред да ги поканиме европските лидери да ни се придружат. Овој повик траеше повеќе од еден и пол час, вклучувајќи околу еден час од нашиот билатерален разговор со претседателот Трамп.
Украина ја потврдува својата подготвеност да работи со максимални напори за постигнување мир. Претседателот Трамп информираше за неговата средба со рускиот лидер и за главните точки на нивната дискусија. Важно е силата на Америка да влијае врз развојот на ситуацијата.
Го поддржуваме предлогот на претседателот Трамп за трилатерален состанок меѓу Украина, САД и Русија. Украина нагласува дека клучните прашања можат да се дискутираат на ниво на лидери, а трилатералниот формат е погоден за ова.
Во понеделник ќе се сретнам со претседателот Трамп во Вашингтон, за да разговараме за сите детали во врска со завршувањето на убиствата и војната. Благодарен сум за поканата.
Важно е Европејците да бидат вклучени во секоја фаза за да обезбедат сигурни безбедносни гаранции заедно со Америка. Исто така, разговаравме за позитивните сигнали од американската страна во врска со учеството во гарантирањето на безбедноста на Украина. Продолжуваме да ги координираме нашите ставови со сите партнери. Им се заблагодарувам на сите што помагаат.“, напиша Зеленски.
Подготви: Д. Тахири