„Денес за пошироката јавност стана познато дека на југот од нашата земја, во окупираните области, е затворен пристапот до социјалните мрежи, месинџерите и Јутјуб. Руските сили ја блокираа секоја можност луѓето да ја знаат вистината за она што се случува и за нашиот потенцијал, кој постепено го зголемуваме“, истакна украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето редовно видео обраќање.
„Денес во Харкив од руски ракетен напад беше уништен Педагошкиот универзитет – главниот корпус, предавалните, универзитетскиот музеј, научната библиотека. Ова ја карактеризира руската инвазија со 100% точност. Кога станува збор за дефинирање што е варварство, овој удар најмногу одговара. Само непријател на цивилизацијата и човештвото може да прави такви работи – да изврши напад врз универзитет, педагошки универзитет со ракети“, соопшти Зеленски.
„Украинските сили моментално напредуваат во неколку тактички насоки, особено на југ – во Херсонската област, во Запорижската област. Ние нема да се откажеме од нашата земја – целата суверена територија на Украина ќе биде украинска. Луѓето треба да знаат за тоа. Затоа, ако имате можност да разговарате со луѓе на југот на нашата земја – со Херсон, Геническ, Бердјанск, Мелитопол и други градови и села – ве молиме да ја ширите вистината таму. Искористете ја секоја прилика да им порачате на луѓето во окупираните области дека ги паметиме и се бориме за нив. Се бориме за целиот наш југ, за целиот украински Донбас – моментално има најбрутална конфронтација кај Славјанск и Бахмут. Се бориме за Харкивската област. Нека не мислат окупаторите дека нивното време на оваа земја е долго, а супериорноста на нивната артилерија е вечна“, вели Зеленски.
„Секој руски убиец, џелат и силувач што дошол во нашата земја ќе одговара. И не е важно колку време е потребно за да се заврши оваа задача. Никој од окупаторите нема да има мир“, потенцира Зеленски.