Украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес конференција изјави дека „илјадници“ западни војници би можеле да бидат распоредени како дел од безбедносните гаранции во мировниот договор за завршување на војната со Русија, пренесе Гардијан.
„Дефинитивно нема да биде едноцифрен број, туку илјадници. И тоа е факт, но сè уште е малку рано да се зборува за тоа“, рече тој.
Зеленски рече дека темпото на работа за безбедносните гаранции за Украина треба да се забрза по она што го нарече „значаен“ разговор со шефот на НАТО, Марк Руте.
„Важно е да бидеме што е можно попродуктивни заедно со Америка. Важно е да ја зајакнеме нашата воздушна одбрана“, напиша Зеленски на Телеграм.
Неговите коментари доаѓаат еден ден по самитот на Коалицијата на волните во Париз, каде што 26 нации ветија дека ќе обезбедат повоени безбедносни гаранции за Украина, вклучително и меѓународни сили на копно, море и во воздух, како што објави францускиот претседател Макрон.
Макрон првично рече дека 26-те нации – кои не ги именуваше – ќе бидат распоредени во Украина. Но, подоцна рече дека некои земји ќе обезбедат гаранции, а ќе останат надвор од Украина, на пример, со тоа што ќе помогнат во обуката и опремувањето на силите на Киев. Тој не кажа колку војници ќе бидат вклучени во гаранциите.
Д. Т.