Земјава забрзано се подготвува за локалните избори. Во одмината фаза е работата на измените во изборниот законик, за кои говореше и Министерот за правда, Бојан Маричиќ, на јавниот настан на ЦИВИЛ, а минатата недела и ЦИВИЛ отвори повик за аплицирање за изборни набљудувачи.
Политичките партии забрзано работат на избор на кандидати за градоначалници и советници, а и комуникацијата со јавноста и граѓан(к)ите веќе подолго време е во изборен контекст.
Денеска се огласи и собранискиот спикер чија најава за распишување на локалните избори ја пренесува државната Медиумска информативна агенција (МИА).
Претседателот на Собранието Талат Џафери на крајот на јули или почетокот на август ќе ги распише локалните избори што треба да се одржат во втората половина на октомври. Тоа, како што истакна, ќе зависи од информациите кога завршуваат мандатите на градоначалниците.
На средбата со новинарите, претседателот на Собранието рече дека нема да остави простор некој да искористи некој формален аспект на „пропуст”, со што би го довел во прашање целиот изборен процес.
Тој предупреди дека доколку изборите би се одржале на 17 октомври, тогаш изборната кампања би можела да се поклопи неколку дена со пописот на населението, што завршува на 30 септември.
„Кога ќе дојде време, ќе пуштам писмо до ДИК во однос на роковите и мандатите“, рече Џафери.
ЦМТ (ЦИВИЛ Мониторинг тим)