– Не е само препорака, не е само извештај за земјата, туку ги вреднува и условите кои земјите-членки и ги поставија на земјата минатата година што требаше да се исполнат за оваа да добие датум за преговори. Стануваше збор за четири услови за кои земјата требаше да обезбеди реформи. Во овој извештај ние велиме дека сите тие услови и реформи се исполнети. Затоа оваа препорака е многу позначајна. Таа им даде одговор на министрите за надворешни работи кои ги поставија овие услови минатиот јуни – изјави Жбогар.
Тој тврди дека сите национални влади ќе се раководат од овој извештај при носењето на одлуките и дека секако го чекале истиот да биде објавен за да донесат одлука каков ќе биде нивниот став по прашањето за Македонија и нејзиното отпочнување на преговорите со ЕУ.
– Има земји кои се посензитивни и покритички, како Франција и Холандија и некои други, кои не сакаа да завземат позиција туку го чекаа овој извештај, кој е многу јасен и се надеваме дека ќе им помогне да донесат одлука. Мислам дека уникатно на ваша страна е тоа што ова е можеби единствена земја во регионот каде што власта и опозицијата соработуваат во носењето на законите и земјата нема никакви спорови со ниту еден сосед. По ова Македонија се издвојува во извештајот и по долго чекање се придвижи напред – истакна дипломатот.
Тој вели дека во легислативните услови како што е правосудството, владеењето на правото и организираниот криминал биле направени придвижувања од Владата следејќи ги препораките на Прибе и Венецијанската комисија но и дека самиот судски систем треба да се потруди на ова поле.
A.M.