Жените од Шуто Оризари повторно ќе добијат гинеколог, откако докторката Вјолца Мбијара која дојде пред три години од Албанија, во почетокот на 2020 година ја затвори гинеколошката ординација во Шуто Оризари и се пресели во Сингилиќ.
Министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил објави дека новиот гиниколог во Шуто Оризари ќе биде д-р Божидар Бошковски кој е искусен гинеколог, кој ќе се грижи за здравјето и ќе им биде на располагање на сите пациентки од оваа општина.
„Проблемот го решивме, откако ќе завршат административните формалности тој ќе почне со работа. Најважното е тоа што пациентките ќе можат навремено да ги извршуваат своите гинеколошки прегледи. Продолжуваме и понатаму да водиме грижа и вистинска здравствена политика за сите пациенти“, истакна Филипче.
Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала на панел дискусија на тема „Дискриминацијата и вработувањето во јавниот и приватниот сектор“, која се одржа пред два дена (на 30 септември) говореше токму за овој проблем.
ЦИВИЛ како организација упати порака што побрзо да се реши проблемот во Шуто Оризари.
Д. М.