„Борбата штотуку почна браќа и сестри. И нема запирање додека не ги поразиме. Првата победа ќе биде на претседателските избори. Затоа мора сите заедно мотивирани и сложни да бидеме. И да истраеме, и овие декемвриски и јануарски, и февруарски месеци и март ќе дојде, а во април доаѓа големата победа која што ќе најави предвремени парламентарни избори“, истакна Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашниот протест (митинг) во Скопје.
Дека митинзите на ВМРО-ДПМНЕ се организираат за предверемени избори, а не за како што велат „Македонија“, во својата колумна пред десетина дена Џабир Дерала напиша: „ВМРО-ДПМНЕ ја започна предизборната кампања за претседателските избори. Предвремено. И лошо, многу лошо. Кошмар за секој претседателски кандидат, освен ако не му припаѓа на растителниот свет. Спротивно на сите меѓународни и домашни стандарди и законски прописи, ВМРО-ДПМНЕ започна предизборна кампања далеку пред законски определениот рок. Кампањата ја започнуваат без кандидат, на протест без (јасна) порака, освен дека сакаат апсолутна власт што ќе ја практикуваат со насилство. Но, тоа не е новост. Го видовме тоа во сите години на изборни кражби и минирање на референдумот“.
Мицкоски обвини дека службите ги снимаат и фотографираат. Тој повторно побара ТВ дуел со премиерот Зоран Заев.
„Ќе речат не ние сега нема да поленимизираме со опозицијата, зошто, затоа што ни е страв, ние сме јаки од внатре и со маските на глава, а да се покажеме никаде нè нема. Бирај и место и водител и време, пред Нова година, јас и ти, тет а тет, да збориме отворено.
Сигурно сега од некој од оние затемнети прозори онаму горе е вклучена камерата. Снима, и преснимува. Ако нека снима, нека ја види оваа студ во нашите дланки, нека го види овој наш пркос и овој наш мотив. И нека се плашат тие што се внатре, затоа што ние ќе дојдеме по своето на следните избори. Ќе ви покажеме што значи гневот од народот. А, вие снимајте, лепете и преснимувајте, заокружувајте, правете квадратчиња, тука сме и нема да се повлечеме.
А, во меѓувреме ќе ги повторам шесте наши барања. Прво поради црниот Вотергејт, нерасчистените убиства, криминалот по улиците, пљачката и кражбата под итно оставка на Оливер Спасовски. Второ, човекот кој на грбот на сопствениот народ, на сопствената нација, на грбот на граѓаните на Република Македонија живее тој и неговото семејство, нацијата на која што и должи се во животот, која што патем ја нарече искомплексирана. Јас овде не гледам такви луѓе, овде има горди, луѓе. Веднаш да поднесе оставка, веднаш.
Трето да престане пљачката на народот и да бидат повлечени законските одредби за покачување на даноците.
Четврто, веднаш рестартирање безусловно на проектот за целосна гасификација на Македонија. Затоа што вечерва твојата навидум гасифицирана Струмица, преку којашто правевте криминал додека управувате со општината е најзагадениот град во Република Македонија. Ниту има гасификација, ниту пак ќе има затоа што гасот го купувавте од твојот советник за енергетика и ортак во бизнисот.
Петто, прекинување на политичкиот прогон и веднаш формирање на комисија-тело коешто ќе ги преслуша, анализира и систематизира разговорите снимени изминативе две години додека се прислушкувале судии и обвинители и да се утврди одговорноста и да се казнат нарачателите и сторителите.
Шесто и најважно да се почитува волјата на народот јасно искажана на референдумот на 30 септември.
Браќа и сестри, сопатници овие црнила, оваа темнина ќе заврши многу брзо, од нас зависи. Ако бидеме бројни како денес, ако бидеме чесни, честити и достоинствени трипати повеќе да работиме од тоа што работат они, а кога ќе победиме петпати повеќе затоа што ќе треба Македонија да ја дигаме од пепел. Пепел во којашто тие ќе ја остават. Но, после темнината, зората доаѓа и денот се буди. Денот се буди, сонцето ќе изгрее, еден за сите, сите за еден не треба тоа да го заборавиме.
Браќа и сестри, сопатници овие црнила, оваа темнина ќе заврши многу брзо, од нас зависи. Ако бидеме бројни како денеска, ако бидеме чесни, честити и достоинствени трипати повеќе да работиме од тоа што работат они, а кога ќе победиме петпати повеќе затоа што ќе треба Македонија да ја дигаме од пепел. Пепел во која што тие ќе ја остават. Но, после темнината, зората доаѓа и денот се буди. Денот се буди, сонцето ќе изгрее, еден за сите, сите за еден не треба тоа да го заборавиме“, истакна Мицкоски.
Инаку, Мицкоски кога дојде на лидерската позиција најави „жешко лето“, но изгледа започнал со предвремената кампања на „ладна зима“!
Дехран Муратов