Американските медиуми предвидуваат победа за актуелниот претседател во 22 држави, вклучително и клучните како Флорида, Индијана, Кентаки, Мисури, Охајо и Тенеси- сите држави во кои победи и во 2016 година.
Трамп веќе прогласи победа во неколку држави во кои се уште е во тек броењето на гласовите и ги ги обвини демократите дека се обидуваат да ги лажираат изборите преку инсистирање на задоцнето гласање и броење на гласачките ливчиња стигнати по пошта.
Бидејќи Бајден постојано водеше во анкетите, вклучително и во круцијалните држави, Трамп, републиканец, влезе во трка борејќи се да се одржи во Белата куќа по бурните четири години на функцијата.
Гласачите низ сите држави гласаат и за низа други прашања, вклучително и за 35 места во Сенатот, целиот Претставнички дом, бројни државни и локални канцеларии и референдуми за прашања од даночната политика до законите за дрога.
Демократите се очекува да го контролираат Претставничкиот дом, додека тие сакаат да ја освојат контролата врз Сенатот по шест години републиканска контрола. На демократите им е потребна нето добивка од три места за тоа.
За многу гласачи, клучните прашања на изборите се пандемијата, економијата и здравствената заштита, заедно со поспецифични области како што се правата и контролата врз оружјето, животната средина и абортусот.
Засега, Бајден е во водство со 224 гласачи на изборниот колеџ.
Американската сојузна држава Невада соопшти, без да даде образложение, дека го прекинува броењето гласачки ливчиња од претседателските избори во САД, до 5 ноември.
Според интернет страницата на изборната комисија, по преброени 87,2 отсто од гласовите, Бајден води со 49,3 отсто пред Трамп со освоени 48,7 отсто од преброените гласови. Разликата во гласови во моментов е нешто помалку од 8 илјади.