„Цивика Мобилитас“, денеска во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје одржа церемонија за доделување на грантови на вкупно 38 грантисти.
Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС), во воведното обраќање најави 12 институционални грантови за граѓански организации, мали акциски грантови за 15 граѓански организации, 9 ад хок грантови и две стипендии за докторски студии од областа на граѓанското општество.
Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Тејада истакна дека сите поддржани проекти се во насока на справување со предизвиците и потешкотиите на граѓанското општество, како и дека придонесуваат за подобрување на општеството. Таа истакна дека Швајцарија ги поддржува граѓанските организации во Македонија, како и медиумите и медиумските организации кои се борат за слободата на говор.
Годинешните институционални грантови се доделени на 12 граѓански организации: Асоцијација на економски истражувачи, Фондација за развој на образованието и културата, Женска граѓанска иницијатива – АНТИКО, Центар за граѓанска иницијатива – Прилеп, ХЕРА, Хелсиншки комитет, Здружение Контекст, Здружение Мировна акција – Прилеп, Центар за развој на медиуми, Совет за превентива против малолетничка деликвенција, Институт ЗИП и Асоцијација за интернационална мобилизација.
По доделувањето на грантовите, беше презентирана и е-платформата на „Цивика Мобилитас“.