Зелен билборд „City Tree“ за прочистување на воздухот денеска е поставен во центарот на Скопје, во близина на хотел „Мериот“. Инсталација на зелени билборди за прочистување на воздухот е дел од проектот „City Tree“, кој беше најавен уште во септември.
Според тогашните најави, зелени билборди требаше да се постават во Скопје и во Тетово, на почетокот на октомври. Како што објавија дел од медиумите, со поставувањето се доцни повеќе од пет месеци, поради проблеми со документацијата и достава на зелениот билборд во земјава.
По поставувањето на зелениот билборд во Скопје, се очекува како што беше ветено, иста таква инсталација да се постави и во Тетово.
Како што беше најавено, станува збор за вертикална структура од мовови, со васкуларни растенија што апсорбираат ПМ честички, азотни оксиди и озон. Пропустливата структура има способност да ја забави брзината на ветрот.
Инсталацијата ќе помогне за намалување на аерозагадувањето, за подобрување на квалитетот на живот и подигнување на јавната свест за зачувување на животната средина.
Структурата на зелените билборди е самоодржлива и потребно и е сервисирање од само неколку часа годишно. Една инсталација чини 25.000 евра.
Проектот „City Tree“ го спроведува Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје, во соработка со Амбасадата на Германија, Град Скопје и македонски и странски компании – донатори.
Марија Теговска
Фото: Ивана Талеска