Здружението на новинарите на Македонија, денеска ја изрази својата загриженост поради одлуката на Академијата за судии и јавни обвинители да не дозволи присуство на новинари на следната седница на Управниот одбор, на која треба да се избере новиот директор на Академијата.
„Одлуката на Академијата да ја исклучи јавноста од следната седница е во спротивност со членот 6 на Законот за Академија за судии и јавни обвинители, кој предвидува нејзината дејност да се врши јавно, транспарентно и одговорно“, стои во соопштението на ЗНМ.
Од Здружението потенцираат дека спречувањето на новинарите да ја следат расправата на членовите на Управниот одбор во врска со пријавените кандидати за директор на Академијата, е обид да се работи зад грбот на јавноста и фрла сенка врз процесот на изборот на новиот директор, за кој се пријавиле квалитетни кандидати.
„Го повикуваме судско-медиумскиот совет да се интересира за случајот и да побара од судските органи кои имаат делегирани членови во Управниот одбор на Академијата објаснување зошто седницата е затворена за јавноста.
Апелираме министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, да го повика членот на Управниот одбор на Академијата, предложена од Министерството за правда, Љубица Караманди Попчевски, да побара расправата за изборот на новиот директор да биде отворена за јавноста“, велат од ЗНМ.
Тие ја потсетуваат и Владата и судската власт во Македонија дека најавените реформи во судството се осудени на неуспех, ако уште во раните фази процесот биде нетранспарентен. ЗНМ се обрати и до Делегацијата на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ и Американската амбасада во Скопје со повик да побараат од Академијата за судии и јавни обвинители да ги почитуваат законските обврски за транспарентно работење.