Здружението на новинарите на Македонија денеска реагираше на изјавата на вицепремиерот Бујар Османи кој со тужби се закани кон сите медиуми што скандалот со ПИОМ го поврзаа со ДУИ.
Од ЗНМ сметаат дека јавните функционери треба да се воздржат од изјави што на било кој начин може да се сфатат како закани или како етикетирање на медиумите.
„Вицепремиерот Бујар Османи говорејќи за скандалот во ПИОМ се закани со тужби до сите медиуми што овој скандал го поврзуваат со функционери на ДУИ. Напоменуваме дека работа на медиумите е да истражуваат и изразуваат сомневања за сите функционери, без разлика од која партија доаѓаат, а владините претставници, во случајов вицепремиерот кој е задолжен за евроинтеграциите, треба да се воздржат од закани со тужби во духот на слободниот говор за кој декларативно се залагаат“, велат од ЗНМ.
ЗНМ реагираше и на изјавата на министерот Роберт Поповски каде се сугерира дека во ТВ Алфа има влијание на структури од претходната власт.
„Сметаме дека коментари со кои на политичка основа се етикетираат медиуми, не придонесуваат за подобар медиумски амбиент и европски вредности. Професионализацијата на медиумите, вклучително и на оние кои со години ги кршеа или ги кршат професионалните стандарди е долг процес во кој се бара конечно и целосно одлепување на сите политички влијанија во медиумите, во насока на стандардизирање на етичките и морални принципи на новинарството, а во тој процес сите општествени чинители, вклучително и членовите на Владата треба да бидат повнимателни“, се вели во реакцијата на ЗНМ.
Од ЗНМ апелираатмедиумите да ги почитуваат професоналните и етичките стандарди, а граѓаните, како и телата за саморегулација да ја цента професионалноста или непрофесионалноста во начинот на работење и известување на медиумите.
Б. Ј.