„Во Македонија и развиениот свет, социјалните мрежи и медиумите се меинстрим за разлика од класичните медиуми. Јас лично не чекам вести за да се информираме во 17 часот за тоа што се случило, веста штом на кој било начин ќе стигне до јавноста веќе може да ја консумираме. Медиумите веќе не се натпреваруваат во брзина кој прв ќе објави некоја вест, затоа што тие ја изгубија кондицијата во брзина класичните медиуми, сега тука водството е кај електронските медиуми, социјалните мрежи, дури и кај индивидуата. Мобилниот телефон е алатка со која секој граѓанин може да биде новинар затоа што новинарот или редакцијата не можат секаде да стигнат и да сакаат, ние често како граѓани наидуваме на настани и со овие алатки ја правиме веста“, истакна Зоран Иванов, новинар, за „Перспективи 2021“.
Иванов додава дека на оние медиуми кои се организирани сепак им останува одговорноста на проверка на фактите и дека се уште не можеме да се потпреме на социјалните мрежи, бидејќи вестите кои се пласираат на истите, мора и да се проверат.
„Никогаш нема да изумрат медиумите во класична смисла кои ќе бидат продукциски центар на проверка на фактите и на објаснување на настаните. Тие ја изгубија брзината, но мислам дека автентичноста и веродостојноста се уште лежи во тие организирани редакциски центри. Социјалните мрежи даваат можност на секоја индивидуа самосвесно да се афирмира, тој е исто така субјект како да е цел медиум“, вели Иванов.
„Оваа година државата, медиумите и невладиниот сектор, вложија во битката против лажните вести, тоа е еден светски тренд, и мислам дека наредната година веќе јавноста, благодарение на тие активности, се разоткриваат создавачите на лажните вести и така се едуцира публиката. Во овие активности е многу важно да се разотриваат изворите и авторите на лажните вести. Ние како медиуми мораме да ги откриваме авторите на тие лажните вести, да видиме кои се тие центри, за да ги демотивираме да се занимаваат со таа нечесна новинарска професија“, додаде Иванов.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети