На 12-ти ноември, вечерта, откако стана јасно дека и по второто прегласување за градоначалник на скопски Чаир во едно гласачко место нема да се смени првичниот резултат, односно дека победник во натпреварот меѓу кандидатите на Демократската унија за интеграција и Движењето „Беса“ останува оној првиот, значи Висар Ганиу од ДУИ, јавно се изјаснив дека ми се допаѓа како заврши оваа приказна. Сега, накратко, ќе кажам и зошто му се радувам на ваквиот исход.
Не е дека се радувам затоа што победи тој што победи – за овој Висар велат дека е фин дечко, ама јас не го познавам и не очекувам кој знае што од него. Ова од причина што, најверојатно, и до сега оваа општина повеќе ја воделе одредени „структури“ одошто градоначалникот. Дури ни партиското раководство не е тоа што ги креирало локалните политики во Чаир – барем така се зборува последниве години, и тоа на големо.
Исто така, не е дека ми се допаѓа тоа што изгуби тој што изгуби – Зеќирија Ибрахими го познавам малку и убеден сум дека е фин дечко. Има направено една грешка, ама млад е и се надевам дека ќе ја исправи.
Е па, може да прашате вие сега, зошто ми се допаднал ваквиот исход, ако тоа не било затоа што едниот кандидат победил, а ниту пак затоа што другиот изгубил? Еве зошто: Ми се допадна тоа што не победи таканаречената „Беса“. Зошто ми се допаѓа што не победи оваа партија?, може пак да праша некој. Е па, затоа што можам да замислам во што ќе се претвореше Чаир доколку таа победеше! Далеку од тоа дека оваа општина сега е цвеќе за мирисање, ама можам да претпоставам по кој пат ќе одеше доколку паднеше во рацете на ова движење.