National Endowment for Democracy од САД објави нов аналитички извештај со наслов „Побарувачката за измами: Како нашиот начин на размислување го поттикнува објавувањето на дезинформации“, чии автори се Семјуел Вули и Кејти Џозеф.
Она што е интересно за нас овде во Република Северна Македонија, тоа е поглавјето во кое е опишано дезинформативното милје во земјава пред референдумот за името на 30 септември 2018 година. Извештајот ги спомнува иницијативите #бојкотирам, финансиското влијание на рускиот милионер од Солун, Иван Савидис, употребата на ботовите во јавната дискусија околу референдумот, прогласувањето на НАТО и западните сојузници како „фашисти“ од страна на противниците на референдумот и други, пренесува МЕТА.
Разбирањето на факторите кои влијаат врз постоењето на побарувачка за дезинформациите е од суштинско значење за создавање на ефикасни одговори, сметаат авторите, додавајќи дека сите оние кои се борат против ширењето на дезинформациите треба да развијат иновативни адаптации против актуелниот, преполн со дезинформации информативен пејзаж.
Според нив, она што треба особено да се сфати тоа е фактот дека дезинформациите се глобален феномен во кој младите демократии (како македонската) се особено ранливи, што пак изискува дополнително внимание и вршење истражувања на овие теми.
Трудот обраќа особено внимание на технологиите за кои се очекува штотуку да се појават и уште повеќе да ја отежнат борбата против дезинформациите и злоупотребите на личните податоци какви што се сѐ пораширените и крајно реалистични фото, аудио и видео манипулации, злоупотребата на виртуелната и засилената реалност (virtual and augmented reality), масовното биометриско набљудување и други.