„Дотерај го Скопје“ e проект чија цел е овозможување на директно влијание на граѓанките и граѓаните за разубавување на јавниот простор во Скопје.
Во состав на проектот, чија порака е „Стани херој и дотерај го Скопје“. почнувајќи од утре, 1 септември, ќе се одржи четридневен фестивал во „Јавна соба“. Утре во 14 часот фестивалот ќе започне со панел-дискусијата „Скопје, европска ‘зелена’ престолнина 2025“, потоа следуваат проекции на филмови во рамките на „Зелено кино“ (во 17 часот), отворање на изложба и дружење со урбаните херои на „Дотерај го Скопје“, отворање на продавница со селекција на природни и еко-производи, стендап-настапи на млади комичари, како и концерти на Александар Пешевски и групата „Minstrel’s Gallery“.
Следните денови ќе продолжат проекциите во „Зелено кино“, а ќе се одржат и презентација на „Аква Струга“, дебата „Медиумите како сигурен аларм за заштита на животната средина“, работилница за готвење со органска храна „Дотерај ја твојата Паста“ за деца и родители, со шефот Дарко Алексиќ, работилница „Како да направиш мала вертикална градина“ со тимот на „Дотерај го Скопје!“, презентација на „Grow up Academy“ со наслов „Како да го искористиш Фејсбук за промоција на твојот производ или проект“, по примерот на „Дотерај го Скопје!“.
Во забавниот дел од програмата ќе се одржи и стендап-комедија на Никола Тодороски, како и концертите на „Swingwalkers“, „Mammoth & Yashem“ и „Флека“.
Во овој проект може да учествуваат сите совесни граѓанки и граѓани од Град Скопје и општините Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Аеродром, Чаир, Гази Баба и Кисела вода, без разлика на возраст, пол, верска и сексуална ориентација, а кои сакаат да сторат нешто корисно за себе, своето опкружување и за Скопје.