„Основна задача за новата влада е да го промени она што Европската комисија го нарече ‘заробување на државните институции’. Тоа е огромна задача, не е само за носење на закон овде-онде, туку за промена на однесувањето на институции и поединци. Така што ќе треба време и координиран напор. Добрата вест за Македонија е што тоа со одредена јасност и детали е поставено во Извештајот за напредокот на ЕК, како и во итните реформски приоритети во Извештајот на Прибе, и во Договорот од Пржино“, изјави британскиот амбасадор Чарлс Гарет.„Во нив, во детали се опишува што треба да се направи во конкретни сектори како судството, јавната администрација, медиумите, борбата против корупција… Во нив е наведена и целосна одговорност за прашањата споменати во прислушуваните разговори, за нивно целосно истражување. Тоа, само по себе, е голема задача. Ние, како членови на меѓународната заедница, сме подготвени да ѝпомогнеме на Македонија во таа задача. Ќе одземе време, ќе треба решителност, но може да се направи. Она што би рекол е дека самите реформи се многу јасни, јасно е зошто тие се потребни и што треба да се направи. И бенефитот за граѓаните е многу јасен. Тогаш, зошто новата влада не би сакала да ги исполни тие реформи? Иако е тешка задач,а ние сме подготвени да помогнеме на кој било начин, колку што можеме“, изјави Чарлс Гарет, во интервју за емисијата „360 степени“ на телевизијата Алсат-М.
„Нормално е во време на политичка криза, луѓето краткорочно да размислуваат, но исто така, во политичка криза е важно стратешки да се размислува, долгорочно да се гледа, за тоа каде некој сака да стигне за 5 или за 10 години. Така што, мојот блог беше само начин за стимулирање на таа дебата, и секако не е базиран на научно анализа и предвидување за тоа каде Македонија ќе биде за 10 години. За прашањето за името, тоа е феноменално тежок спор за решавање што трае четврт век. Оттука, можеби три години звучи оптимистички, но можете да кажете и дека е нешто што апсолутно мора да го решат Скопје и Атина, за Македонија како земја да напредува со некаква цел. За тоа дека ‘сé уште преговара со ЕУ 2027’, можеби е песимистички, но како што реков, тоа не е научно предвидување“, рече Гарет, како одговор на прашањето за ставот изнесен во неговиот видео – блог, каде предвидуваше што ќе се случи со Македонија во наредните десет години.