Продолжуваат посетите на дипломатите на Македонија, со цел да се направат напори за државата да ја надмине длабоката политичка криза. По вчерашната средба на претседателот Ѓорѓе Иванов со специјалниот претставник на германското МНР, Кристијан Хелбах, Иванов денеска се сретна и со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер.
Во соопштението од кабинетот на Иванов се вели дека тој ги повторил своите ставови оти има правни и политички аспекти кои се проблем, но и предуслов за излез од состојбата.
„Во однос на правниот аспект, поврзан со роковите за доделување на мандатот, истакна дека е лесно надминлив. Во однос на политичкиот аспект, претседателот Иванов истакна дека останува на ставот дека Платформата од Тирана треба да биде осудена и отфрлена, исто како и мешањето во внатрешните работи на Република Македонија, кои не помагаат во напорите за добрососедски односи и стабилноста и безбедноста во регионот“, стои во соопштението од кабинетот на Иванов.
Заниер изрази загриженост поради меѓуетничките тензии, апелирајќи сите релевантни чинители да направат конструктивни чекори за надминување на кризата. Тој на средбата со претседателот Ѓорге Иванов се согласил дека лидерите од регионот треба да се воздржат од штетна реторика, е наведено во соопштението од кабинетот на Иванов.
„Загрижен сум поради развојот на настаните во Скопје. Владеењето на правото мора да надвладее. Резултатите од декемвриските избори се цврста основа за формирање влада што ќе ги застапува интересите на сите граѓани“, напиша Заниер минатата недела на Твитер, по одлуката на Иванов да не го додели мандатот за формирање на влада на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.