По 1.500 евра или по 95.000 денари месечна плата, им била исплаќана на членовите на Регулаторната комисија за енергетика. Како што пишува на својот Фејсбук профил, лидерот на ЛДП, Горан Милевски, само за месечни трошоци за стан во Скопје, на Видан Кулевски од Битола, му биле исплаќани по 29.000 денари…
„Трошоци за оддвоен живот недефинирано колку, + К-15 за да одат на одмор, а 3.500.000 денари за дневници и патувања во странство. 1.000.000 денари за репрезентација. Средства за плати за ангажирање на лица кои ќе ги паркираат нивните возила плус портири. Платени телефонски сметки. Ставрески бил во право кога рекол ‘ние сме лудаци!’ Ова е кражба на граѓаните“, стои на Фејсбук профилот на Милевски.
А, во Министерството за здравство, во моментов се врши ревидирање на извештаите за исплата на плати и хонорари. Според министерот Арбен Таравари, не може прецизно да се каже за кои лица станува збор, но факт е дека огромен број ексвладини кадри добивале хонорари во висина на 5–6 просечни работнички плати! „Голем број вработени во Министерството за здравство работеле со договор за дело, и не го кажувам точниот број, колку се тие, зашто не го знам бројот, но тие добивале месечни суми коишто 5-6 пати се повисоки од платата што ја добива обичен граѓанин во Република Македонија“, рече министерот Таравари.
„Не ја знам висината на платите точно, но им се исплаќале западни плати. Ќе ја известиме точно јавноста за сѐ, во моментов не ги знаеме имињата на лицата, но ќе ги ревидираме извештаите и ќе реагираме институционално“, најави Таравари.
М. Т.