Велат дека на младите останува светот, но кога станува збор за политиката, многумина не се согласуваат со оваа констатација…
Јасинда Ардерн, со своите 37 години, е најмладата премиерка на Нов Зеланд во изминатите 150 години. Ова е најважната вест за новозеландските медиуми, покрај конечната одлука, по неизвесните резулатати од изборите кои останаа без јасен победник.
Сигурно 37-те години возраст на новата премиерка, за нив е вистински шок, но за земјите како Македонија се сосема нормална појава.
Македонските премиери се меѓу најмладите во Европа. Бранко Црвенковски имаше само 29 години кога стана вториот премиер на државата. Љубчо Георгиевски имаше само 25 кога стана „потпретседател на претседателот“ (како што злобно го нарекуваа тогашните македонски социјалдемократи) Киро Глигоров, а имаше само 33 кога во 1998 година стана првиот вмровски премиер. Никола Груевски ја освои власта во 2006 на свои 35 години.
Ваквиот тренд е присутен не само кај премиерите на Македонија, туку и кај министрите: Диме Спасов, а најново и кај градоначалиците, Стефан Богоевски.
Што се однесува до останатите земји низ светот сега за сега највисоко на пиедесталот е австрискиот премиер Себастијан Курц, со своите 31 година.
Светските медиуми помпезно го најавија Себастијан Курц како најмладиот премиер во светот, по победата на австриската Народна партија на минатонеделните избори.
Премиерот на Ирска, Лио Вердекер на 38 години стана најмладиот премиер во историјата на својата земја. На иста возраст за премиери беа избрани и белгискиот Шарл Мишел и украинскиот Володомир Гројсман.
Францускиот претседател Емануел Макрон (39) е најмлад од 25-те лидери на Франција.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан првпат дојде на власт во 1998 година кога имаше 35 години.
Млади лидери се избрани и во некои недемократски земји. Севернокорејскиот претседател Ким Џонг Ун го наследи својот татко на 34 години, додека катарскиот емир Тамим бин Хамад ал Тани дојде на чело на својата земја на 37 години. Некогашниот либиски водач Моамер ел Гадафи власта ја презеде во 1969 година, кога имаше 27 години.
М.И.