Европскиот суд за човековите права пресуди во корист на новинарите кои беа исфрлени од Собранието на Република Македонија на 24-ти декември 2012 година (познат како „Црниот понеделник“), кога се носеше буџетот, затоа што според судот, им било повредено правото на слобода на изразување и на информирање.
Одговорниот уредник на телевизија Телма, Снежана Лупевска-Созен, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека пресудата на Европскиот суд, за жал, е негативен пример за Македонија, но од друга страна, е добро, бидејќи институциите во иднина ќе внимаваат како се однесуваат со новинарите.
„Многу ме радува пресудата, затоа што тоа е победа на новинарите! Морам да напоменам дека во собраниската галерија имаше многу новинари, меѓутоа само петмина новинари се потпишавме и поднесовме пријава до Стразбур. Не знам зошто остантите не сакаа да се потпишат, можеби поради притисоци или други причини, но мислам дека оваа пресуда ќе биде мотив и охрабрување за сите новинари дека може да се изборат за своите права“, вели Лупевска-Созен.
Медиумскиот експерт на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Петрит Сарачини, вели дека пресудата на Европскиот суд за човекови права е сатисфакција за долгогодишната борба на слободната медиумска заедница во Македонија. Според него, таа е доказ дека сето она што го зборуваа медиумските организации за 24 декември е вистина.
„Пресудата е доказ дека правниот систем во Македонија функционирал под окупација на власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и носел одлуки спротивно на Уставот, законите и Деловникот на Собранието, како и спротивно на обврзувачките меѓународни конвенции кои ги потпишала и ратификувала нашата држава и нашето Собрание. Ова е голема победа за слободата на медиумите во Македонија“, додава Сарачини.
И Здружението на новинарите на Македонија ја поздравува одлуката на Европскиот суд за човекови права за случајот „Селмани и останати против Република Македонија“.
„Оваа пресуда е прва со која се утврдува повредата на слободата на изразување и е многу важна за демократијата и владеењето на правото во Република Македонија. Истовремено, пресудата е и победа на новинарската заедница која покажа дека за правда секогаш вреди да се бориме. Правдата можеби е бавна, но секогаш победува. Таа придонесува во Македонија да се создаде правна култура и да се афирмира принципот на почитување на основните човекови права и слободи“, соопштуваат од ЗНМ.
Од ЗНМ истакнуваат дека оваа пресуда претставува доказ оти институциите во Република Македонија потфрлиле во исполнување на својата основна задача да ги штитат и промовираат човековите права.
Судот во Стразбур пресуди дека во овој предмет постои повреда на членот 10 и членот 6 од Европската конвенција за човековите права, пришто донесе пресуда во корист на новинарите Насер Селмани, Наташа Стојановска, Фросина Факова, Снежана Лупевска, Билјана Богдановска и Тони Ангеловски, кои се жалеле пред ЕСЧП за нивното насилно отстранување од собраниската галерија.
За разлика од Судот во Стразбур, Уставниот суд во Македонија во јуни 2014 година, даде толкување дека заради ескалација на хаосот и безредието во салата, „отстранувањето на новинарите било со цел да бидат заштитени и да обезбеди ред во салата“, и го одби нивното барање правдата да ја извојуваат низ судски процес.