Десетици илјади луѓе вчера маршираа низ романската престолнина и во други градови, како протест против предлогот на Владата да се помилуваат стотици затвореници, меѓу кои и поранешни политичари, осудени за корупција.
Како што јавија светските агенции, протестите во Букурешт, Темишвар, Клуж и други градови, беа иницирани од граѓани кои сметаат дека ваквата постапка ќе ја сопре започнатата пресметка со корупцијата во земјата.
Иако романскиот премиер Сорин Гриндеану изјави дека причина за помилувањето затвореници, се преполните затвори во државата и дека би биле помилувани лица осудени на помалку од пет години затвор, освен оние кои се осудени за сексуален или насилен криминал, пред сé, лица постари од 60 години, бремени жени и затворенички со мали деца, на кои би им биле преполовени казните, граѓанските протести беа масовни низ цела Романија. Според Владата, со нејзиниот предлог би се намалил бројот на осудениците во затворите за 2.500, а според затворските управи, за дури 3.700 лица.
Премиерот Гриндеану ги обвини демонстрантите за политизираност на протестите, но и претседателот Клаус Јоханис, и романскиот јавен обвинител, и Врховниот суд и Специјалното обвинителство за борба против организираниот криминал, го критикуваа предлогот на владата.