Categories

РЕВОЛТ Покрај Дрим и Езерото, стружани се жедни!

Среде лето, на температури и до 40 степени, стружани по речиси целиот ден немаат вода! Бараат од Општината итно да го реши проблемот. Деновиве стотици стружани, под мотото „Во 21 век, а вода нема за лек“, протестираа пред претпријатието за водоснабдување „Проаква“.

„Проблемот со недостаток на вода во Струга е веќе подолго време, посебно во екот на туристичката сезона. Тоа се должи пред сè, на недомаќинското работење на раководните лица на претпријатието и на Општината. Фирмата која е задолжена за водоснабдување, не верувам дека ќе може да ги исполни потребите на стружани иво наредниот период, бидејќи нема капацитет, ниту финансиски средства“, вели за ЦИВИЛ Медиа, Глигор Ќатовски од граѓанското здружение „Доста“.

Од претпријатието „Проаква“ истакнуваат дека долго време нема дожд, дека изворите кај Шум и Горна Белица се намалени и дека водата се злоупотребува. Оттаму ги обвинуваат граѓаните дека им должат околу три милиони евра за неплатени сметки и затоа се решиле да воведат рестрикции преку ноќ, во одредени места и преку ден, а на региони и целосно прекинување преку ноќта.

Стружани потенцираат дека ако наскоро не се надмине проблемот со водата, ќе организираат и нови, но овој пат, порадикални протести.

ЦИВИЛ Центар за слобода апелира до надлежните институции брзо да го решат проблемот со недостатокот на вода во Струга и во други места, бидејќи водата е основно човеково право. Системот мора да профункционира и во 21 век граѓанките и граѓаните не смеат да немаат вода за пиење и за секојдневни потреби.

Print Friendly, PDF & Email