Македонското Собрание денеска едногласно, со 82 гласови „за“, го донесе Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата (Законот за стечајни работници). Со законот им се овозможува на околу 3.000 луѓе да добиваат месечен надомест од 8.356 денари, односно 34 проценти од просечно исплатената месечна нето-плата минатата година. Годишно, за таа намена, од Буџетот на АВРМ ќе бидат обезбедени 300.816.000 денари.
Невработените лица опфатени со законот, треба да имаат најмалку 15 години работен стаж во претпријатија со доминантна сопственост на државата, а таму, работниот однос да им престанал по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок, заклучно со 30 јуни годинава. Законот ќе важи само за стечајци кои на денот на стапување во сила на законот имаат најмалку 52 години за жени, односно 55 години за мажи.
Лицата треба да имаат остварено право на паричен надомест по 1 јануари 1995 година, а по остварувањето на правото на паричен надомест, да не биле вработени на неопределено време, односно, работниот однос да не им престанал по нивна волја и вина.