Не можам, а и нема зошто да го скријам задоволството по информацијата што беше ударна и на куртон-вестите (термин на прислужникот Латас), дека Советот на јавни обвинители го разреши главниот обвинител Марко Зврлевски. Леснотијата со која овој слуга на фашо-мафијата падна е речиси смешна. И кажува многу повеќе отколку што тоа изгледа на прв поглед. Пред сè, тоа е знак на конечно признание за сите зла кои ги заштити Основното јавно обвинителство во годините кога владееше сурова неправда и политичка пресметка со неистомислениците што им го загорчи животот на многумина и зацрни многу семејства.
Само што стапи на премиерската функција, Заев го повика Зврлето да си даде оставка. Елегантно и скромно, без помпезност и без вишок зборови. Петар Аневски, претседателот на Советот на јавни обвинители една недела пред овој важен ден за сите онеправдани во оваа земја, рече дека Зврлевски е перфектен обвинител. Ни помалку ни повеќе, туку перфектен. Мислеше на дефектен? Не. Перфектен! Но, беше на чело на телото кое едногласно, со леснотија, го турна од работ.
Кутриот Аневски. Тој не знае што е перфектно. Не бил во СЈО, не видел што прават, не прочитал што пишуваат хероите и хероините на правдата во Македонија, нашата надеж. Наспроти бескрупулозната машинерија со која решија да се пресметаат. Аневски и не смеел да види, па морал да живее во поинаков свет, каде перфекцијата се мери со единици мерки на послушноста.
ОЈО, институција окупирана од бесрамници, допрва треба да одговори на прашањето кога ќе се промени од корен, но и да ги извади од фиока безбројните случаи кои сведочат за дивеењето и насилството со кое се соочија активистите за човекови права, независните интелектуалци, уметниците и новинарите, опозиционерите и сите луѓе кои држат до своето достоинство и ја сакаат слободата.
Советот на обвинители, најдобро е да се разреши самиот. Не е во прашање само Зврлевски, тој полничок лик, чија питома надворешност бескрајно лаже, туку и сите што беа и сè уште се во спрега со главните осомничени за организиран криминал, корупција, насилство и изборни измами, значи и судиите. И сите останати…
Со стрмоглавиот пад на Зврлевски, се отвораат нови, можеби уште подобри денови за враќањето на слободата и правдата во нашата земја. Ако сакаме вистински заедничка, слободна Македонија, мора да завладее правото. Отидов јас за Брисел сега. Следниот рафал ќе ви го пратам од таму.