пишува: Сашо Орданоски
[dropcap]С[/dropcap]тоте дена нова Влада беа и поминаа, се направија сите исцрпни и помалку солидни анализи, од тоа се извлекоа соодветни заклучоци и се дадоа насоки и прогнози како понатаму ќе се развиваат работите во Македонија. Опозицијата вели дека сѐ е катастрофа, Владата вели дека тие се катастрофа, а јавноста вели дека најмногу ѝ верува на Ката, која уште не може да ја отпее онаа строфа што сите ја чекаме.
Но, која е, всушност, состојбата со умот на Заев после неколкуте месеци на власт?
Не треба да се заборави дека тој е единствениот кој е во супериорна позиција барем дел од количеството прислушувани разговори сега конкретно да го истражи, со увид во реалните состојби и активности за кои се говори низ тие од него преслушани дигитални записи. Тоа можеби за нас звучи како да се бара игла во стог од сено, но тој го има „метал-детекторот“ за откривање игли во разни стогови сено. Прашање е кој „стог“ ќе посака да го пребарува и што ќе прави со „иглите“ кога ќе ги најде? Има предизвици на тој пат: некои од лукративна, некои од приватна, а многу од политикантска природа.
Од друга страна, ако до сега не му беше јасно, Заев сега веројатно почнува забрзано да сфаќа дека во меѓународната политика нема „бесплатни вечери“, односно поддршка без вратка! Широк црвен тепих му послаа каде и да се појавеше на меѓународна сцена во последниве три месеци, а во Њујорк, на Годишното собрание на ОН, беше неофицијално прогласен за најпозитивното изненадување од балканскиот регион, како лидерска „свежина“ што одамна од овде не е почувствувана.
Убаво. Колку ќе нѐ чини сето тоа? Секаде каде што чукна на врата, отворено му кажуваат дека од Македонија се очекуваат темелни, брзи и квалитетни реформи. Нему му е јасно дека, со оглед на пустошот што го затече дома, дури и сето друго да го прави како што треба, некое од тие три очекувања нема да може да го испорача: или ќе се определи за површни, но побрзи реформи, чиј квалитет ќе биде проблематичен; или ќе биде темелен, но спор, а за квалитетот ќе видиме; или ќе заборави на квалитетот, а ќе нурне длабоко и брзо да реформира што може да се реформира, па за другото после ќе му ја мисли.
Така, некако, Заев и политички се однесува, како по малку да му „чади“ од главата: сака процесите да не зависат лично од него, што е еден еманципиран политички пристап, но сметката нему, директно ќе му се испорача. Убаво е да се опкружиш со експерти и јавни дебати, ама политичкото лидерство подразбира и самиот да си ги извалкаш рацете, да турнеш, да за’ржеш, да тропнеш на масата кога е време за тоа, оти никој друг нема да го понесе ризикот и одговорноста за реформските одлуки така како што тоа би го направил лидерот. Значи, времето за говори набрзо ќе истече, а оние од крајот на црвените теписи, како и широката македонска јавност, ќе побараат отчет за темелноста, брзината и квалитетот на реформите.
Оти, ние гледаме, кога се сака, дека некои работи можеле и ефикасно и темелно и квалитетно да се направат. На пример, наеднаш и Бајруш Сејдиу и Агим Красниќи се најдоа на слобода, баш некако пред избори. Што голем државен приоритет ќе беше тоа? Или некој му го мати умот на Заева, како што од Грујо направија „варен компир“ на крајот?
Преземање на оваа содржина е дозволена само по 11 часот, на денот на објавувањето. Потоа, важат вообичаените правила според лиценцата Creative Commons 1.0.