Државната изборна комисија со девет гласа „за“ и еден „против“ го усвои Роковникот за спроведување на локалните избори. И официјално, на 15 октомври ќе се одржат изборите за градоначалници на општините, за градоначалник на Скопје и членови на советите на општините и на Град Скопје.
Уште денеска ДИК од Министерството за информатичко општество и администрација ќе бара дополнителни податоци за вработените во државната, општинската и јавната администрација. Министерството за внатрешни работи ќе треба да достави податоци за граѓаните. Со овие податоци, Избирачкиот список ќе се ажурира и ќе биде достапен за јавен увид, од 21 август до полноќ на 9 септември.
Во тој временски период граѓанките и граѓаните ќе можат да поднесат барање за запишување, дополнување и бришење на податоци од Избирачкиот список.
Рокот за собирање потписи ќе започне на 21 август и ќе трае до 4 септември, а листите на кандидатите ќе се доставуваат до 9 септември на полноќ.
Изборната кампања ќе започне на 25 септември, а ќе заврши на 13 октомври. А, за вториот круг локални избори, кампањата ќе трае до 27 октомври на полноќ.
За болните и лицата на отслужување затворска казна, 14 октомври е датумот за гласање за првиот круг локални избори , а за вториот круг, на 28 октомври.