Вест на денот: Министерството за финансии подготвено за најлошо сценарио, работат за да се случи најдоброто
Реализацијата на буџетот годинава започна добро. Економската активност бележеше раст и првите два месеци имавме одлична реализација согласно проекциите, како што и транспарентно и отворено ја информиравме јавноста. Важно е да се истакне дека буџетот или државната каса не е „куп пари” кои ги имаме на почеток на годината, па се распределуваат, туку буџетот е проекција за како ќе се полни државната каса (приходите) и соодветно како ќе се трошат собраните средства (расходите). Ликвидноста на буџетот метафорично може да ја споредиме со проток на вода во една цевка – првите два месеци млазот беше силен, со силен интензитет се полнеше државната каса, а согласно тоа се извршуваа и планираните расходи. Оттука, првите два месеци ликвидноста беше одлична, како и на почетокот на месец март, изјави министерката за финансии, Нина Ангеловска на денешната прес конференција.
Преземањето на мерките за заштита од ширење на Covid-19 и ставајќи го здравјето на граѓаните на прво место, рече Ангеловска, делуваше на намалување на економската активност, што очекувано почна да се рефлектира на полнењето на буџетската каса.
Почнувајќи од 20 март, односно кога почнуваат да се чувствуваат ефектите од здравствените мерки преземени за спречување на ширење на корона вирусот, се забележува остар пад на даночните приходи од околу 25% на дневно. Ова, нагласи Ангеловска, доведе до пад на вкупните даночни приходи за месец март за 11% во однос на претходната година. Ова се должи на:
– Пад на наплата на ДДВ за месец март за 17%;
– Пад на акцизата за 11%;
– Пад на данокот на добивка за 11% и тоа со предвреме уплатена аконтација од општествено одговорни компании во контекст на помош за коронакризата.
Изјава на денот: Ангеловска: имаме три основни сценарија, поволно, неповолно, и најнеповолно
„Многу е тешко за економските аналитичари, вклучително и за меѓународните финансиски институции, да ги предвидат случувањата. Ова се должи на самиот карактер на кризата, затоа и нашите сценарија постојано се обновуваат, па така од секое сценарио имаме повеќе верзии.
Во главно, имаме 3 основни сценарија: поволно, неповолно и најнеповолно. Кај сите сценарија најголемиот пад на даноците се очекува во вториот квартал од 40% до 65% во однос на претходната година, додека претпоставките за третиот и четвртиот квартал се разликуваат согласно кога би започнал периодот на економско заздравување и стабилизација.
Колкава ќе биде таканаречената „дупка” (деновиве исто така многу зборувана во јавноста) во буџетот односно за колку ќе се зголемат потребите за финансирање зависи од тоа кое од овие сценарија ќе биде реалност.
Дупката односно дефицитот е разликата помеѓу приходите и расходите. Проектираните приходи за 2020 се 3.6 милијарди евра, додека расходите 3.9 милијарди евра. Согласно тоа проектираниот дефицит за годинава изнесуваше околу 300 милиони евра (283 поточни). Планот за финансирање беше креиран согласно така испроектираниот буџет со цел да сесервисира овој дефицит и да се отплатат старите долгови.
Сега колку ќе бидат поголеми потребите, односно колку ќе биде поголем дефицитот зависи од тоа колку ќе падне наплатата на приходите.
Што се однесува до расходната страна и покрај предвидените зголемени потреби за здравствениот сектор, како и економските мерки кои ќе се преземаат со цел амортизирање на ударот врз економијата – сите сценарија предвидуваат речиси целосна реализација на расходната страна во износ, односно истата да остане 3.9 милијарди евра. НО Структурата на расходната страна ќе се промени значајно -со реалокации на буџетските ставки со цел дополнително обезбедување на здравствениот сектор пред се а потоа и реализација на економски мерки со цел намалување/амортизирање на ударот. Ќе има реалокации, пренаменети и кратења на непродуктивни расходи – за истото на денешната Владина седница ќе биде предложена информација.
Кај првото сценарио поволното – предвиден е пад од 20% на вкупната приходна страна на консолидиран буџет во однос на планот. Тоа би значело намалување на приходите за околу 700 милиони евра – односно тоа значи дека за исто толку би се зголемил дефицитот и потребите за финансирање.
Кај второто сценарио, неповолното падот на буџетските приходи би изнесувал околу 30% со што потребите би се зголемиле за околу 1 милијарда евра.
И кај третото најнеповолното доколку приходите паднат 40%, дополнителните потреби би биле околу 1.3 милијарди евра.
Важно е да сме подготвени и за најлошото сценарио, а секако да преземаме мерки и да повлекуваме соодветни чекори за да се случи најдоброто. Будното следење, агилноста и флексибилноста на владите се клучни за делување и справување со овој здравствено-економски шок.
За секое од овие сценарија подготвуваме и сценарија за финансирање. Непредвидливоста и ранливоста на пазарите на капитал носи голем предизвик и при креирање на овие сценарија.
Како што информиравме во тек е постапка за обезбедување на средства од Меѓународниот монетарен фонд, Светска банка и инструментот премостување до обврзница. Постапките се во тек и се очекува до мај да ги обезбедиме овие средства.
На крајот би сакала да истакнам – како ќе излеземе од коронакризата зависи од сите нас. Ако сите се однесуваме одговорно и дисциплинирано здравствената криза ќе заврши побрзо, а со тоа и здравствените мерки кои ја оспоруваат и запираат економската активност.
Со двата пакета економски мерки имаме за цел да го амортизираме ударот врз стопанството, да ги заштитиме работните места, како и социјалната стабилност во земјава. Преку обезбедување на плата од 14.500 ден. за вработените во погодените компании, обезбедување на 50% од просечна плата за половина година од државата за оние кои останале без работа, како и надоместок од 7000 ден. за семејствата кои немаат приходи или се дел од неформалната економија се задржуваат работните места и социјалната стабилност. Со обезбедување на бескаматни средства и евтини кредити за фирмите се подобрува нивната ликвидност и ќе се настојува да се поттикне економската активност.
Како што се развива ситуацијата ќе се преземаат и нови мерки и активности, се со цел максимално да се амортизира ударот од коронакризата врз стопанството и граѓаните“, изјави Ангеловска.
Вонредна состојба
Во изминатите 24 часа регистрирани се 25 нови случаи на корона вирус во земјата и тоа во Скопје – 7, Куманово – 7, Прилеп – 2, Тетово – 5, Струга – 2, Гевгелија – 1, Кочани – 1, со што вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 изнесува 354 лице.
*
Ноќеска на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје починала пациентка од Лабуништа на возраст од 65 години заболена од коронавирус.
Пациентката имала претходни заболувања – коморбидитети: хронично опструктивна белодробна болест, дијабетес, срцева слабост и обезност.
Пациентката која во неделата наутро почина во болница во Струга, а на која постморум и е земен брис, истиот е позитивен на КОВИД-19.
*
Според местото на живеење, досега случаи на КОВИД-19 се регистрирани во: Скопје – 183, Куманово – 54
Дебар – 47, Штип – 15, Прилеп – 12, Тетово -13, Струга – 9, Велес – 6, Битола – 4, Охрид – 3, Кавадарци – 2, Гостивар – 1, Гевгелија – 2, Струмица- 1, Крива Паланка – 1, Кочани – 1.
*
Во изминатото деноноќие направени се 257 теста, од кои: преку Институтот за јавно здравје – 131, преку Ветеринарен факултет – 25, „Биотек“ – 24, Клиниката „Жан Митрев“ – 2. Досега се направени вкупно 3.775 тестирања на КОВИД-19.
*
Поранешната директорка на охридската болница, лекари специјалисти од инфективното одделение во охридската болница, како и самата институција ќе бидат парично казнети, а случајот ќе го разгледува и Лекарската комора и Етичката комисија на оваа Комора, соопшти министерот за здравство Венко Филипче информирајќи дека Државниот здравствен и санитарен инспекторат го завршил увидот во врска со кршење на процедурите за прием и третман на пациентка која почина на 27 март.
Флеш вести
Општинскиот кризен штаб Куманово на денешната 17-та седница, поради состојбата со пандемијата на корона вирусот, побара од Владата да прогласи кризна состојба во Куманово и да воведе посебен контролен режим на влезовите и излезите од градот.
*
Граѓаните ќе имаат бесплатен електронски пристап до објавените уредби со законска сила во „Службен весник на Република Северна Македонија“ за време на вонредната состојба, информираат од ЈП Службен весник на Република Северна Македонија.
*
Се изработува решението кое ќе бара законска измена со цел породилното отсуство да се продолжи
*
Лажна информација за почината жена од Кочани е предмет на полициска истрага, откако во неделата попладне поради сериозни здравствени проблеми таа била однесена во кочанската Општа болница.
*
Преку видеоконференција утре ќе се одржи првиот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, на кој полноправно ќе учествува и Северна Македонија.
*
Со поддршка на МНР досега вратени 2.020 македонски државјани од странство
Слободна зона
„Има и нешто „демократско“ во целава криза: од една страна, побогатите се повеќе уплашени дека имаат што да загубат; а од друга, парите не им го намалуваат стравот од можноста и тие да се заразат, бидејќи таа здравствена опција не зависи од личното богатство.
Затоа и мислам дека кај многумина кои можат, ќе проработи чувството за општествена солидарност. Можеби никогаш не важела повеќе онаа позната изрека, дека на мака се познаваат јунаците!“, пишува Сашо Орданоски во колумната „На мака се познаваат јунаците“
Д. Тахири