Заврши пробниот попис
Изминативе 15-тина дена во 13 општини во земјава успешно беше спроведено пробното пребројување на населението и домаќинствата. Предлог законот за попис останува затворен во собраниските фиока. Не се знае кога ќе биде закажана Kомисиската расправа за предлог законот, бидејќи откако по најавите за бојкот од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, првата седница на комисијата преку ноќ беше одложена.
Во 13 општини во земајва од средината на овој месец па се до вчера се спроведуваше пробниот попис. Директорот на државниот завод за статистика Апостол Симовски вели апликативното решение функционирало одлично и оти се надеваат дека нема да има проблеми при спроведувањето и на главниот попис.
Главниот попис треба да се одржи во април 2020 година – но со заглавен предог закон во собраниските фиоки одржувањето на пописот идната година е се понеизвесно.
Министерството за правда уште чека на ВМРО – ДПМНЕ за решавање на судбината на СЈО
Министерството за правда сѐ уште чека на предлогот за нов закон за Специјалното јавно обвинителство најавен од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Министерството за правда ќе прифати само подобрувања на законските решенија, но не и ако тој содржи било какви индикации за амнестија.
ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, вели дека законот за СЈО ќе биде и во сооднос со европското право и препораките и праксите на Европскиот суд за човекови права.
Охрид ќе се дискутира на сесијата на Комитетот за светско наследство на Унеско во Баку
Во Баку – Азербејџан денеска ќе се одржи 43 сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, на која ќе се дискутира за состојбата со природното и културното наследство во Охридскиот Регион.
На сесијата ќе учествуваат и делегацијата на РСМ со министерот без ресор Едмонд Адеми, заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски. За време на сесијата на Комитетот ќе има средби со високи претставници на Центарот за светско наследство на УНЕСКО, со делегациите на земјите членки, меѓу кои Кина, Бразил, Босна и Херцеговина, како и со претседавачот на Комитетот, Абулфас Гарајев, министер за култура на Азербејџан.
ЈСП ги враќа хартиените билети за едно возење
Во автобусите на ЈСП – Скопје и на приватните превозници од септември повторно ќе може да се купи хартиен билет за едно возење. ЈСП во моментов го реализира тендерот за набавка на 300.000 хартиени електронски билети, кои се адекватни на постојниот систем за плаќање во јавниот превоз, пишува Мета.
„Монструм“, „Трезор“ и „Насилство во општина Центар“ продолжуваат денеска
Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи судењето за предметот „Монструм” за петкратното убиство кај Смилковското езеро.
Претходно рочиште беше одложено поради необезбедено присуство на двајцата сведоци, за кој беше побарано и полициско приведување.
За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Од денеска се воведуваат две нови вакцини за деца
Од денеска почнува вакцинацијата со новите вакцини за рота вирус и пневмокок, која Министерството за здравство ја воведе во редовниот календар за имунизација за бебињата и децата, а министерот за здравство, Венко Филипче, ги најави пред неколку месеци.
Со вакцината против рота вирусот се заштитени најголем процент од децата кои ја примиле, се спроведува со орална ротавирусна вакцина во три дози со ставање капки во устата на детето, на возраст од шест недели до 32 недели. Првата доза од вакцината треба да се даде пред детето да наполни 15 недели, додека сите три дози на вакцината треба да бидат примени пред да наполни осум месеци.
ОЈО со обвиненија против седум лица за сообраќајната несреќа кај Ласкарци
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека поднело обвинителен акт за автобуската несреќа кај Ласкарци на 13 февруари, годинава, во која, а и потоа во болница, 16 луѓе ги загубија животите, а 38 беа повредени. Автобусот не бил технички исправен, а тоа се забошотило, и не се почитувало работното време, соопштија од обвинителството.
За возачот на автобусот, сопственикот, одговорниот за транспорт во фирмата „Дурмо Турс“, како и за тројца вработени во станицата за технички преглед во сопственост на истиот газда, е побарано домашниот притвор да се замени со затворски притвор.
Меркел: Земјите од Западен Балкан се наши европски соседи и имаат европска перспектива
Земјите од Западен Балкан се наши европски соседи и имаат европска перспектива, соопшти германската канцеларка, Ангела Меркел, по повод претстојниот самит за овој регион во рамки на Берлинскиот процес, кој ќе се одржи во Познањ, Полска.
„Патот сè уште е полн со камења“, посочи германската канцеларка, а пренесува „Танјуг“.
Во Познан во петок (5 јули), ќе се одржи конференција за Западен Балкан, на која ќе присуствува и Меркел, на чија иницијатива во 2014 година беше покренат Берлинскиот процес, со цел да се подобрат можностите за дијалог и соработка меѓу земјите од регионот.
Финска го презема претседавањето со Европската Унија
Од денеска Финска го презема ротирачкото шестмесечно претседавање со Европската унија.
Финска го презема претседателството со Советот на ЕУ од Романија, а на 1 јануари 2020 година ќе го предаде на Хрватска.
Советот на ЕУ е тело кое ги собира министрите на земјите – членки и се состанува според одредени области, од земјоделство до надворешни и внатрешни прашања.
Земјата членка која претседава во период од шест месеци ги одржува сите состаноци на Советот на ЕУ, освен Советот на министри за надворешни работи, со кој претседава министерот за надворешни работи на ЕУ.
Ангела Петровска