ВЕСТ НА ДЕНОТ: Нема нов полициски час, построги контроли од МВР и инспекторите, се уште е рано за отворање на аеродромите
Владата на вчерашната седница одлучи да нема полициски час, откако Комисијата за заразни болести во понеделникот достави предлог за ограничено движење во местата каде има најголем број заболени. Наместо тоа, Владата ги задолжи МВР и инспекторатите да вршат засилени контроли во подрачјата со поголем број новозаболени од коронавирус. Секој што ќе ја прекрши мерката за самоизолација ќе биде санкциониран со државен карантин.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Во последните 24 часа се направени 1019 тестирања, а регистрирани се 125 нови случаи на ковид-19, починаа 7 пациенти и регистрирани се 6 оздравени.
*
Засега нема најава дали и кога би се одржала седница на Советот за безбедност, а вонредната состојба, четврта по ред, истекува в сабота на 14 јуни.
*
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, денеска информираше дека советник од неговиот кабинет е позитивен на КОВИД-19.
*
За 270 илјади средношколци и основци, меѓу кои и околу 19 илјади првачиња, денеска завршува учебната 2019/2020 година, првпат во вонредни околности и надвор од училишните клупи кои останаа празни од 11 март поради опасност од ширење на заразата со коронавирусот.
*
Рестораните, не до крајот на годинава, туку многу порано ќе може да организираат свадби, смета министерот за економија, Крешник Бектеши. Сепак, според него, крајниот збор и за овој сегмент од работата на угостителските објекти, ќе го има Комисијата за заразни болести.
*
Секој граѓанин од денеска може да провери дали е корисник на домашната платежна картичка. Конечната листа е објавена на веб-страницата kupuvamdomasno.gov.mk, а веќе се печатат и првите картички.
*
„Вонредната сосотојба досега се носеше заради економските мерки за помош на граѓаните и стопанството. Владата не гледа потреба да носи четврти пакет на економски мерки затоа што до есен ќе се реализира третиот пакет на економски мерки кој е веќе донесен“, вели лидерот на СДСМ Зоран Заев.
*
Вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска, денеска одржа редовна координација со претставници на Министерството за труд и социјална политика, граѓанските организации „Гласен текстилец“, „Хелсиншки комитет за човекови права“, „ХЕРА“, „Платформа за борба против сиромаштија“, „Мрежа против насилство врз жените“, претставници на синдикални организации и од УНДП, а на која учествуваа и претседателката на Инспекцискиот совет и директорите на пазарниот и трудовиот инспекторат.
*
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска на прес конференција зборуваше за неговата идеја за прв премиер Албанец, но и покрај бучните најави од нивните симпатизери, на крај сепак немаше име на мандатар. Во неговата изјава, Ахмети го опиша премиерот со пофалби и убави зборови, но сеуште не знае кој ќе биде кандидатот.
*
Покрај евроинтеграциите, мини шенгенот и унапредување на билатералната соработка, главна тема на денешната средба во Ниш на шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и на Србија, Никола Димитров и Ивица Дачиќ беше олеснување на ограничувањата меѓу двете држави поради епидемијата на коронавирус и отварање на границите.
Дерала: Не е прв пат академик Ќулавкова да се покаже со вакви националистички пораки
Џабир Дерала од ЦИВИЛ, за Мета, изјави дека не е прв пат да ја видиме академик Ќулавкова во такво светло, каде ги изразува националистичките ставови.
„Не е прв пат да ја видиме академик Ќулавкова во вакво светло. Сепак, со оглед на предизборниот период, со оглед дека и социјалната и политичката состојба, како и состојбата на јавното здравје, како теми се искличително доминантни во овој период, нејзиното учество во социјалните мрежи со вакви пораки упатува на тоа дека Ќулавкова, покрај тоа што е националистка, таа е вклучена и во политиката. Доказ за тоа е дека избира многу деликатен социо-политички момент во земјата за да ги обнови своите националистички пораки во јавноста“, изјави Дерала.
Костадинов: Граѓаните од ВМРО-ДПМНЕ гледаат само лажни вести и злоупотреба
„Лажни вести, прекршувања на мерките и забраните, злоупотреби на институции, тоа е се што гледаат граѓаните од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски. Но граѓаните повторно ќе го поразат режимското однесување на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Режим – никогаш повеќе“, вели Костадинов.
Ова произлезе од последната вест, каде Владо Мисајловски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вчера на својата Фејсбук станица објави фотографија од реконструкција на пат, со прашањето дали ова е градежната офанзива на владејачкиот СДСМ.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Најважната колумна овој месец – можеби и годинава? – ја напиша вчера колегата Ерол Ризаов, за македонското издание на Дојче веле. Во таа смисла, бидејќи би се посрамотил нешто на таа тема да додадам, ве поканувам, наместо моите мудрувања, денеска да го прочитате (па и да го препрочитате, ако веќе вчера сте го направиле тоа) текстот на Ризаов „Извинување до академик Ќулафкова“ (кликнете на насловот за да го прочитате)“, пишува Сашо Орданоски.
„Изборите ќе се одржат на 5 јули. Не затоа што на Заев му се брза (зошто би му се брзало?) или затоа што Мицкоски е исплашен. Правниот механизам се активира и му овозможува на системот да застане на нозе, а решението е: да се заокружи изборниот процес, за да можеме да продолжиме понатаму со животот. Вонредната состојба завршува за некој ден, а потоа изборниот процес продолжува. Едноставно и јасно. Неопходно“, пишува Џабир Дерала во „Датумот за избори е завршена приказна“.
А. П.