Музичкото радио Канал 103 на 24 ноември, сабота, со почеток во 20 часот, во Младинскиот културен центар на два подиума организира целовечерен фестивал со исклучително квалитетни бендови и артисти од Велика Британија, Шведска, Албанија и Македонија, сите со актуелни албумски изданија за 2018 година. Фоајето на кино Фросина ќе биде резервирано за традиционалниот настап на диџеите од Канал 103.
„Инспирирани од својата улога на „први во колоната” на патот кон повисока (музичка) свест, искра светлина во мрачните лавиринти на македонската независна реалност, 103 реши повторно да ја „измести” публиката со еден супер современ музички настан. И тоа во духот на 27-годишниот процес на создавање автентична контра-стварност, духовна агора во којашто се пронаоѓаат и дејствуваат нови и нови напредни и храбри протагонисти на својот автентичен поглед на светот – 103 генерации. Во слава на музиката, слободниот дух и градот. Против стравот од промени и напредок, доминантната општествена глупост и примитивизам, омраза, национализам и разноразни теории на заговор“, велат од Канал 103.
Музичката агенда на „103 Генерации“ ги опфаќа шведскиот маг на софистицираниот електронски звук The field и британските психоделичниot гитар-рок бенд The Oscillation. Тука е и одличниот дарк/минимал/колд вејв тандем од Тирана I Tpame I Tvrame, како и домашните миленици на инди/пост-рок публиката Susijat. Сите четири имиња во Скопје ќе ги промовираат своите најнови албумски изданија, објавени во 2018 година
Фестивалот ќе се одвива на два подиума. На првиот (маин) стејџ, во познатата „Дансинг Сала“ – од неодамна преименувана во „Сала 25 мај“ – ќе настапат бендовите во живо: The Oscillation, The Field, I Tpame I Tvrame и Susijat. Вториот, пак, електронски ориентиран стејџ, сместен во фоајето на Кино Фросина, ќе биде резервиран за диџеите на Канал 103: Виолета Качакова, Илина Ангеловска, Ивана Драгшиќ, Мирко Попов и Андреа Салпе, кои ќе ја понесат забавата до раните утрински часови.
Билетите се веќе пуштени во продажба во: Југотон Рекордс, МКЦ и во продажната мрежа на МК Тикетс по цена од 350 ден. На денот на одржување на фестивалот, билетите ќе чинат 500 ден.