Владата ја утврди листата со 19 предлози за назначување амбасадори
Владата денеска на затворена седница ја утврди листата со 19 предлози за назначување амбасадори на нашата земја на следните дестинации Атина, Белград, Загреб, Тирана, Брисел, Хаг, Москва, НАТО, Совет на Европа (Стразбур), ОН (Женева), Доха, Прага, Њу Делхи, Рим, Тел Авив, Копенхаген, Ватикан, Приштина и Пекинг.
Листата ќе биде доставена до Претседателот на државата Стево Пендаровски.
Бугарската академија со реакција до МАНУ: Македонски јазик не постои
Повелбата за македонскиот јазик што ја усвои МАНУ содржи неточни и неприфатливи позиции, кои им штетат на односите меѓу двете соседни земји, се наведува во реакција на Бугарската академија на науките (БАН).
Заев: Ќе реагираме за ставот на БАН за непризнавањето на македонскиот јазик
Република Северна Македонија ќе реагира на оценката на Бугарската академија на науките (БАН) дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, најави денеска премиерот Зоран Заев.
– Ќе реагираме поради тоа што тоа прашање е дел од прашањето за решавање на проблемите помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија во Договорот за добрососедство и пријателство. Првите чекори се направени. Верувам дека тоа мораме да го решиме. Јас не ја знам реакцијата, сега ја слушам од вас. Секако ќе реагираме и преку МНР и ќе ги направиме сите наши коментари откако ќе прочитаме што е самата реакција, изјави Заев
„Не биди ѓубре“ во сабота ќе ја извади администрацијата на чистење
Над 40.000 вработени во администрацијата, наместо да го одработат неработниот 2 јануари од годинава, ќе се приклучат на акцијата „Не биди ѓубре“ за чистење на главниот град во сабота во 12 часот. Ќе се чисти на 20 локации во Скопје, меѓу кои кај езерото Треска, во околината на Аквадуктот, Калето, Железничката станица, Собранието и целиот кеј на Вардар. За подалечните места, ЈСП ќе обезбеди превоз.
Ахмети: Законот за јазиците ќе се испрати и во Венецијанската комисија, за да се намалат тензиите кај Македонците
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети знаел дека Законот за употреба на јазиците во целост ќе биде испратен за Мислење во Венецијанската комисија и оти тоа било направено за да се намалат тензиите кај Македонците.
– Во моментите кога се преговарало и разговарало за јазикот, нашите меѓународни пријатели ни дадоа мислење, дека е добро законот да се испрати и во Венецијанската комисија, со цел да се намалат тензиите и предрасудите кај нашите македонските сограѓани“, изјави вчера Ахмети.
Груби: ДУИ поднесе речиси 5.000 амандмани на Изборниот законик
Пратеничката група на ДУИ поднесе речиси 5.000 амандмани на предлог – измените на Изборниот законик, затоа што смета дека процес на еднонасочно, еднострано менување на правилата на игра пред да започнат изборните процеси е опасен преседан со кој би се соочило ова Собрание и политичката сцена во нашата држава, изјави денеска пратеникот на оваа партија, Артан Груби.
Костадинов: ВМРО – ДПМНЕ со илјадници амандмани ги блокираат судските реформи и изборниот процес
Опозициската ВМРО ДПМНЕ со илјадници поднесени амандмани, намерно ги блокира низата закони кои се наоѓаат во собраниска процедура и работи на штета на граѓаните, обвини пратеникот и портпарол на СДСМ, Костадин Костадинов. Тој вели дека оваа партија е против секоја реформа во правосудството, но и против демократизација на изборниот процес.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ВМРО-ДПМНЕ има поднесено околу 950 амандмани за Предлог-законот за Академија за судии и јавни обвинители, соопшти на денешната прес-конференција пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Максим Ацевски се изгласа во Собрание за нов државен ревизор. За него гласаа сите парламентарни партии откако се договорија предходно во Комисијата за избори и именувања. Мицевски доби 81 гласа „за“ и ниту еден против.
Владата денеска на седница го усвои Дополнетиот предлог-буџет за 2020 година, кој ќе биде доставен на усвојување од страна на Собранието. Дополнетиот буџет, како што соопштија од владината прес служба, содржи 12 амандмани што ги прифати Владата, а кои се произлезени од расправата за буџетот во собраниските комисии.
Министерството за здравство соопшти дека Комисијата за заразни болести констатирала дека се исполнети епидемиолошките услови за прогласување крај на епидемијата на мали сипаници на територијата на цела држава, со што престануваат да важат дополнителните мерки за контрола на епидемијата, предложени од комисијата.
До крајот на јануари шпанскиот Парламент ќе го ратификува Протоколот за НАТО, рече премиерот Зоран Заев.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Вулнет Махмути, граѓански активист, на Фестивалот на слободата, на Говорницата за човекови права зборуваше за своето искуство и активизам во ЦИВИЛ.
„Бев млад, но бев разочаран од сè што се случуваше во државата, мислев дека на никој не му е гајле за обичните луѓе и дека тие никогаш нема да добијат право на збор и дека никој не ги слуша… Со ЦИВИЛ ми се врати довербата. Сфатив дека секој граѓанин има право и место за да го каже своето мислење и дека ЦИВИЛ има отворени врати за сите… Во ЦИВИЛ научив многу работи, научив да ги гледам работите поинаку, научив дека некој се бори за правата на обичниот граѓанин и дека секој обичен човек може да биде херој на некоја приказна, особено со семинарите и работилниците на Граѓанскиот објектив за граѓански новинари“, рече Махмути.
МИСЛА
Го пушти ли некој Камчев „низ вода“?
пишува: САШО ОРДАНОСКИ
Занимливо, обвинителката Рускоска и во последните, вчерашни изјави тврдоглаво се држи до својата (и на Камчев) верзија на настаните, ставена во ситуација самата да ги демантира исказите на „сведокот-жртва“ што јасно се слушаат во снимките (за ГПС уредот, за платениот истражителен стик, за протекувањето на снимките од Обвинителството…).
Европо, каде си тргнала?
пишува: ХУСЕИН АДЕМИ
Наградениот негатор на брижливо испланираниот геноцидот во Сребреница е само доказ дека нешто чудно се случува со Европа! Тој е доказ за обесчестеноста на интелектуалната свест на почетокот од 21-от век. Со напливот на илјадниците мигранти кои секојдневно бележат жртви како во воен судир иако, јадните тие, гинат од студ ширум европските шуми или пак се дават во морињата јужно од нас, Комитетот за Нобелова награда испраќа многу збунувачка и замаглена порака за тоа што нè очекува утре!?
Дехран Муратов
Во соработка со: Ангела Петровска, Биљана Јордановска, Сашо Орданоски, Хусеин Адеми