ВЕСТ НА ДЕНОТ: ПРЕТРЕСИ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО СЈО
Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, денеска донела наредба за претресување на сите вработени во СЈО.
Додека Јанева преку својата прес-служба ги демантираше овие наводи, обвинителката Фатиме Фетаи во изјава за ТВ24 ги потврди шпекулациите. Фетаи денеска жестоко се спротиставила на ваквата одлука на својата шефица, откако била запрена од службено лице на влезот во СЈО.
Според информации од СЈО на уште еден обвинител кој утрово дошол на работа му било кажано истото.
СЕ ПРОШИРУВА ИСТРАГАТА ЗА СЛУЧАЈОТ „РЕКЕТ“
Откако беа сослушани дел од обвинителите на Специјалното јавно обвинителство, денеска на распит беше и шефицата на кабинетот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.
Сослушувањето на јавниот обвинител Бурим Рустеми кое беше предвидено за денеска е одложено за утре поради денешното рочиште за случајот „ТНТ“ каде обвинител е Рустеми.
Иако неколку пати до сега се шпекулираше за тоа кога Јанева ќе даде исказ во Обвинителството за организиран криминал и корупција, до овој момент се уште не е познато кога ќе се случи тоа.
Досега се сослушани специјалните обвинителки Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Законот важи за сите, никого не штитиме и овозможуваме сите институции да спроведат целосна истрага, вели вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во врска со случајот „Рекет“.
Здружението на новинарите на Македонија ja осудува објавата на Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во која тој на непримерен начин ги опишува новинарите и уредниците на 1ТВ и нивното работење. Тој на својот профил на Фејсбук обвинува дека новинарите биле пристрасни и дека биле плаќани на сомнителен начин.
Претседателот Стево Пендаровски, денеска на средба со делегација на Националната гарда на американската сојузна држава Вермонт, предводена од командантот на Гардата полковник Грегори Најт изрази очекување дека наскоро ќе заврши процедурата за ратификација на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО од страна на Конгресот на САД.
ЦИВИЛни АКТИВНОСТИ
Денеска продолжи вториот дел од семинарот на ЦИВИЛ „Транспарентност и одговорност на политичките процеси“. На денешните сесии говореа градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски и граѓанскиот активист и експерт за финансии, Бранимир Јовановиќ.