ВЕСТ НА ДЕНОТ
Како дел од државните свечени настани и одбележувања по повод 150 годишнината од раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност Гоце Делчев, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и заменичката-министерка за надворешни работи Фатмире Исаки, во име на Владата на Република Северна Македонија, денеска положија венец свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Св. Спас во Скопје.
На овој настан во чест на јубилејната 150 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев свежо цвеќе на вечното почивалиште на Гоце Делчев принесе и делегација на Владата на Република Бугарија предводена од министерката за надворешни работи Теодора Генчовска, придружувана од заменичката-министерка за надворешни работи Велислава Петрова, заменик-министерот за култура Јуриј Велковски и амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја Ангел Ангелов.
Венец свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев положи и Илхан Ќучук, европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот Парламент.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Брнз: Патот на дипломатијата обезбедува единствено трајно решение за сите
„САД посветено го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Заедно со нашите сојузници и партнери, ќе им помагаме на напорите на Украина да се брани од понатамошна руска агресија. Ќе продолжиме да ги поддржуваме напорите на Украина да ги унапредува демократските реформи и борбата против корупцијата, како и да ги врати и обезбедува своите меѓународно признаени граници.“, изјави вели амбасадорката на САД во РСМ, Кејт Мари Брнз.
„САД сакаат да продолжат да ја градат меѓународната коалиција на партнери во Европа и пошироко, кои јасно ја гледаат оваа закана. Нашите пријатели во Северна Македонија се исклучително важни за ова. Нашето споделено трансатлантско единство и решеноста се најефикасната алатка со која мораме да ѝ се спротивставиме на руската агресија. Ние сме посветени на дипломатијата и јасно ставивме до знаење дека патот на дипломатијата обезбедува единствено трајно решение за сите.“, изјави меѓу другото Брнз.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРОТЕСТ Синдикатите ја блокираа улицата пред седиштето на Организацијата на работодавачи, на 10 февруари собир пред Собранието.
ЧЕСТИТКА Амбасадите на Руската Федерација во Скопје и Софија во период од само неколку дена испратија паралелни честитки до македонските и бугарските граѓани. Во С. Македонија го честитаат раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, а во Бугарија роденденот на Николај Игнатиев, потписникот на Санстефанскиот договор за формирање на голема Бугарија, која што ги вклучува и границите на нашата земја.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ Изборите за градоначалник на Општина Маврово и Ростуше и за градоначалник на Општина Центар Жупа се закажани за 17 април 2022 година.
ПРАВДА Јавното обвинителство отсекогаш било за степен позатворено од судството, пред сѐ, имајќи ги предвид уставната и законската поставеност на обвинителството во општеството и принципот на субординација на институцијата, но и ограничувачките факти од аспект на ЗКП за предистрагите и истрагите што ги водат обвинителите, се посочува во Извештајот на „Метаморфозис“ за реформите во правосудството под наслов: „На правосудството му е потребна финансиска „бустер“ доза“, пишува „Вистиномер“.
Во Основниот Кривичен суд во Скопје денеска беше објавена пресудата со која се ослободуваат од обвинение новинарите Мери Јордановска и Предраг Петровиќ од „А1он“. Оваа пресуда следи по претходно доставената приватна тужба на пратеникот и лидер на политичката партија „Левица“ Димитар Апасиев кој ги тужеше новинарите за „неовластено објавување на лични записи“ според член 148 од Кривичниот закон, информираат од Здружението на новинари на Македонија.
ДИСТРИКТ
Димитровски: Оваа влада ќе преживее само доколку ја совлада високата корупција
Дистрикт на Цивил прес студио – интервју на Зоран Иванов со Зоран Димитровски, новинар, уредник, главен уредник, заменик министер за Локална самоуправа.
Тој зборува за: македонските политички турбуленции, интересите и коалициите, идологиите и прагмите, една изборна единица и можностите и ризиците за малите партии, за новинарството денес и за уште по нешто.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ со настан „Руско-украинската криза и Северна Македонија“
ЦИВИЛ ќе организира серија панел дискусии на актуелни светски и домашни теми, најмалку еднаш неделно, од почетокот на февруари, секоја среда, со почеток во 13 часот.
Меѓу извонредно интересните и актуелни теми што ги одбра тимот на ЦИВИЛ е и најактуелната тема во светски рамки, руско-украинската криза.
ЦИВИЛ организира панел дискусија на тема „Руско-украинската криза и Северна Македонија“ на 9 февруари (среда), во 13 часот, во ЦИВИЛ прес центарот во просториите на Бизнис центарот „Палома Бјанка“ во Скопје.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Како што Густав Гресел и Павел Слункин забележуваат во еден неодамнешен напис за Европскиот совет за надворешни односи, Лукашенко неодамна се согласи да Й дозволи на Русија скоро неограничена употреба на четири воздухопловни бази, база со ракетен систем земја-воздух и околу 30 складишни локации на територијата на Белорусија. Пред август 2020 година, Белорусија строго ја ограничуваше руската употреба на тие локации за закажани маневри. Но, ова се промени благодарејќи на колапсот на легитимитетот на Лукашенко и неговата растечка потреба за руска помош, што Й обезбеди на Москва можност да ги користи овие објекти речиси како што сака“, напишаа тие.“, прочитајте во анализата на Брајан Витмор „Додека светот ја следи Украина, Путин тивко ја окупира Белорусија“.
„Барањата од политичките субјекти во земјава се различни, некои од помалите партии бараат една изборна единица без праг, други со праг, трети бараат три изборни единици, пред неколку години дури се бараше од шест да се зголеми бројот на осум изборни единици. А досега ниту една партија не образложи кој и каков изборен систем би бил подобар и зошто да се промени постоечкиот без да се постават услови. На пример сите политички партии во државата да излезат сами на избори без коалицирање!“, пишува Сафит Зеќири во колумната „За реформи на изборниот систем или само дневна политика“.