ВЕСТ НА ДЕНОТ: ОДИМЕ НА МАРС!
Вкупно 3,322 лица од државава досега ги дале своите имиња за да им бидат испратени на Марс со мисијата на НАСА, преку аплицирање на веб сајтот на американската вселенска агенција.
Мисијата ќе биде во 2020 година, а одобрените имиња ќе бидат вметнати во микрочип што ќе се монтира на роверот „Марс 2020“.
ЗАВРШИ РАСПИТОТ НА РУСТЕМИ
Обвинителот на Специјалното јавно обвинителство Бурим Рустеми во својство на сведок за случајот „Рекет“ денеска беше на распит. Рустеми изјави дека бил распрашуван конкретно за истрагата „Поштенска банка“ чиј предметен обвинител е тој.
„Одговорив на сите прашања во врска со тоа како се водела истрагата ‘Поштенска банка’. Одговорив на сè што ме прашаа во ова обвинителство и сметам дека моите одговори ќе придонесат во правец на успешно водење на истрагата ’Рекет‘“, рече Рустеми.
На новинарско прашање до каде е истрагата „Поштенска банка“, Рустеми одговори дека е при крај и наскоро ќе се преземат следните активности.
МАКЕДОНСКИТЕ УНИВЕРЗИТЕТИ И ГОДИНАВА ГИ НЕМА НА ШАНГАЈСКАТА ЛИСТА
Универзитетите од Северна Македонија и годинава не се најдоа на Шангајската листа на најдобри 1.000 универзитети во светот.
На листата на Академско рангирање на светски универзитети за 2019 година, на прво место 17-та година по ред е Универзитетот Харвард, на второ Стенфорд од САД, а на трето британскиот Универзитет Кембриџ.
Најдобриот македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“, на светската ранг листа е 1.568-ти. На национално ниво втор е Штипскиот „Гоце Делчев“ (3.279 во светот), трет е Универзитетот на ЈИЕ (3.881), четврти Државниот универзитет во Тетово (4.912), а на пето место е Битолскиот „Св. Климент Охридски“ (5.697).
ФЛЕШ ВЕСТИ
Таблите на спомениците во центарот на Скопје, поставени вчера, не издржаа ниту еден ден. Изутринава можеше да се забележи дека натписите преку кои се акцентира хеленското потекло на личностите претставени со спомениците се искршени, одлепени или пак, украдени.
Министерот за здравство Венко Филипче упати јавен и отворен повик до опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ во кој бара со своите експерти и кадровски капацитети да се вклучат и да учествуваат во сите работни тела во проектот за изградба на новиот Клинички центар во Скопје.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева тврди дека не издала наредба за претрес на обвинителката Фатиме Фетаи и на другите обвинители и вели дека се работи за недоразбирање. „Не е точно дека сум издала таква наредба, се работи за недоразбирање. Не сум расположена за повеќе разговор“, изјави Јанева.
Премиерот Зоран Заев во објава на Фејсбук најавува дека во Република Северна Македонија следува инвестициски циклус од околу пет милијарди евра.
ЦИВИЛни АКТИВНОСТИ
Граѓан(к)ите на Вардарскиот регион, претставниците на граѓански здруженија и јавната администрација покажаа голем интерес за дводневниот семинар на ЦИВИЛ за транспарентност и одговорност во политичките процеси кој изминатите два дена се одржуваше во хотел „Романтик.
На отворени сесии за јавноста, како специјални гости на семинарот беа поканети и говореа претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Билјана Ивановска, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, активистот за човекови права и поранешен советник во Министерството за финансии, Бранимир Јовановиќ, како и Џабир Дерала, претседателот на ЦИВИЛ.
СООПШТЕНИЕ НА ЦИВИЛ: ДРЖАВАТА И ОПШТЕСТВОТО НЕ СМЕАТ ДА ГИ ЗАНЕМАРАТ ПРАВАТА НА ДЕЦАТА!
Актуелните дневно-политички случувања во земјата, не можат и не смеат да бидат изговор за непочитувањето на човековите права и слободи, алармира ЦИВИЛ.
Последната трагедија во која животот го загуби 17 годишно момче, кое беше убиено од својот врсник е потсетник за трулежот на општество во кое живееме.
Државата, општеството, институциите, медиумите и родителите имаат обврска да работат заедно и да обезбедат максимални услови за развој и достоинствен, здрав и безбеден живот на децата и младите.
М. Ивановска