ВЕСТ НА ДЕНОТ: Владата поништи решенија за распоредување и наредби за извршување работи во МВР донесени од Чулев
Владата на денешната седница донесе одлука за поништување на решенијата за распоредување на работно место и наредби за извршување работи и задачи донесени од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Како што соопшти владиниот Сектор за односи со јавноста, поништени се решенијата од 14.02.2020 година со кое Ивана Китановска се распоредува на работно место соработник систем специјалист во Одделение за заеднички работи во РЦ за ГР Исток во Бирото за јавна безбедност, од 14.02.2020 година со кое Виолета Веселиновска се распоредува на работно место виш инспектор за гранични проверки во РЦ за ГР Исток во БЈБ и решението од 06.02.2020 година со кое Aлександар Матовски се распоредува на работно место полицаец во ПС од ОН Тетово, СВР Tетово во БЈБ.
Владата ја поништи и наредбата од 17.02.2020 година со која Вице Столески се задолжува да извршува работи и задачи од работното место началник на Одделение за информациска безбедност, Сектор за безбедност на информации, Оддел за односи со јавност и стратешки прашања, во Организациони единици за потребите на Министерството, како и наредбата од 17.02.2020 година со која Зоран Јанаќијев се задолжува да извршува работи и задачи од работно место Командант на Единица за брзо распоредување во Одделот за специјални полициски операции во БЈБ.
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ: Мала увертира за изборната кампања
Костадин Костадинов, портпаролот на СДСМ, денеска реагираше на изјавата на Христијан Мицкоски дека се обврзува на инвестиции во патната инфратсруктура во износ од две милијарди евра, почнати во време на последниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ, но и неколку нови.
Костадинов изјави дека за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ во само 2.5 години мандат, изградила и рехабилитирала 750 километри патишта, го завршила автопатот Миладиновци-Штип и ги разреши сите недостатоци.
НЕ ПОМАЛКУ ВАЖНО
Шефот на дипломатијата Никола Димитров утре ќе престојува во работна посета на Кралството Шпанија, на покана на министерката за надворешни работи, ЕУ и соработка, Аранча Гонзалес Лаја.
*
Течат роковите за предвремените парламентарни избори закажани за 12 април. До утре на полноќ радиодифузерите, печатените медиуми и интернет порталите, доколку обезбедуваат платено политичко рекламирање за учесниците во изборната кампања за предвремените избори за пратеници во Собранието се должни да се регистрираат во ДИК.
Државната изборна комисија (ДИК) објави јавен повик за пријава и увид во Избирачкиот список за гласање во странство за предвремените избори за пратеници во Собранието.
*
Судот ја исклучи јавноста од денешното рочиште на „Рекет“, на кое теба да бидат презентирани преостанатите три фолдери од усб-то на Зоран Милевски-Кичеец. Судијката Васка Николовска-Масевска, одлуката ја образложи со тоа што го посочила обвинителката дека со јавното изведување ќе се наруши угледот на лица кои не се дел од овој кривично-правен настан.
Со прикажување снимка од надзорна расправа во Собранието на Северна Македонија и презентирање докази од обвинителството, а селектирани од одбраната, денеска во Кривичниот суд започна судењето за предметот ТНТ кој се однесува на уривањето на „Космос“ на бизнисменот Фијат Цановски.
*
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји е оптимист дека Северна Македонија и Албанија ќе ги испорачаат реформите потребни за зачленување во Европската Унија.
„Двете земји не се откажуваат од реформите… и ќе видите дека тие ќе испорачаат, и ако го сторат тоа, можете да бидете уверени дека ќе има отворање преговори“, рече Вархеји, додавајќи дека е многу охрабрен од посетата на Северна Македонија и Албанија минатиот месец.
*
Премиерот Оливер Спасовски денеска во Брисел имаше средба со претседателот на Европскиот Парламент (ЕП) Давид Мариа Сасоли, кој даде целосна поддршка на сите реформски чекори кои Владата, Собранието и граѓаните ги донесоа во изминатиот период, соопшти владината прес-служба.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ ги повикува своите членови, поддржувачи и учесниците на семинарите за граѓанско новинарство, набљудувачите на претходните изборни процеси, како и сите заинтересирани полнолетни граѓанки и граѓани да аплицираат за краткорочни изборни набљудувачи. (ЛИНК ДО АПЛИКАЦИЈА)
Рокот за пријавување за краткорочни изборни набљудувачи во составот на ЦИВИЛ е до 20 февруари, 12 часот напладне.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Околу владеењето на правото и испорачувањето на правдата во Македонија не треба да има никакви мистификации: сè уште сме далеку од посакуваната цел во македонското општество да функционира правна држава којашто самостојно и без постојана „прозивка“ од политиката или од јавноста би била способна да испорачува правда, во разумен рок и со потребниот интегритет (врз база на докази!) во постапките, пропишани со закон“, пишува Сашо Орданоски во „Се моли правдата да се расони!“
„Изборите му се трета шанса да расчисти со сите што ги злоупотребуваа привилегиите на државните позиции на сите нивоа. Нивните ликови во партијата добро ги знаат. Освен ако пак молкот и меѓусебното прикривање, отсуството на внатре партиската демократска гласност, не си ги остават како само казнување за априлските изборите“, пишува Зоран Иванов во „Кадровска метла“.
Ангела Петровска
во соработка со: Џабир Дерала, Маја Ивановска