ВЕСТ НА ДЕНОТ: Владата побара прогласување вонредна состојба во земјава
„Ова е вонредна ситуација и затоа е потребна вонредна состојба. Владата нема ниту најмала дилема. Донесовме одлука да предложиме носење на вонредна состојба на територијата на целата држава. Сега и веднаш. Мерките дадоа резултати но сега е време кога мора тие мерки да се заострат за да се спречи пикот на коронавирусот. Убедени сме дека таквата ескалација можеме да ја спречиме со воведување на воредна состојба“, рече денеска на прес конференција претседателот на Владата Оливер Спасовски.
За начинот на спроведување на вонредните мерки, Спасовски посочи -„Ова нема да значи рестрикции и забрани за движење. Такви мерки ќе се носат на дневно ниво во зависност од ситуацијата“.
Тој повтори дека граѓаните мора да се однесуваат одговорно и да ги следат препораките на Владата.
„Ништо веќе не е исто. Животото радикално се промени, како кај нас, така и во светот. Потребно е секој од нас да биде одговорен и одговорно да се однесува. Ако сакаме да ја заштитите нацијата, сите мора да се однесуваме и вонредно и одговорно. Да се кренеме на висина на задачата. Подготвивме многу мерки, има резултати и ќе ја совладаме заканата, заедно ќе излеземе посилни“, рече Спасовски.
Премиерот нагласи дека вонредната сотојба и дава можност на Владата за брзо и ефикасно спроведување на мерките за заштита и одбрана нашата држава, општесто и економија.
„Само со вонредна состојба владата ќе може да делува непречено. Се созадаваат услови за сите кои учесвуваат во борбата против овој вирус да го дадат максимумот“, изјави Спасовски.
Предлогот е испратен до спикерот Талат Џафери, кој според процедурата треба да го свика Собранието кое е распуштено. Се очекува дека вонредната состојба попладнево ќе ја прогласи претседателот Стево Пендаровски.
Прогласување вонредна состојба во земјава вчера побара и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по лидерската средба кај претседателот Пендаровски. Денеска истото го побара и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
*
Министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес конференција информираше дека уште 4 лица се заболени од Ковид – 19, а 30 нови лица се тестираат. Пациентите се во стабилна состојба и се следат внимателно.
НЕ ПОМАЛКУ ВАЖНО:
Економскиот тим на Владата, според досегашните анализи на можните последици состојбата од корона вирусот, а со цел тие да се ублажат, донесе сет од мерки за компаниите кои ќе се и ќе бидат најпогодени од кризата. Мерките ги презентираа на заедничка прес конференција, Мила Царовска, министерката за за економски прашања и за координација со економските ресори, министерот за економија Крешник Бектеши, министерката за финансии Нина Ангеловска и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежовска.
„Првата мерка се однесува на директна финансиска поддршка за ликвидноста на микро, мали и средни претпријатија. Обезбедени се вкупно 5,7 милиони евра со кои ќе се кредитираат директно компаниите погодени со неликвидност, односно компании чија економска активност трпи од ситуацијата со корона вирусот. Кредитите се дизајнирани со големо внимание, за да може да се одржат што поголем број на компании. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра кредит“, рече Царовска. При тоа, микро-компаниите до 10 вработени ќе можат да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите фирми од 10 до 50 вработени ќе можат да подигнат кредит од од 10 до 15 илјади евра, а средните компании од 50 до 250 вработени ќе можат да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Кредитите ќе бидат бескаматни, односно со нула проценти камата и грејс-период од 6 месеци, а рокот на отплата е две години.
Царовска додаде дека втората мерка се однесува на платите: „За да се задржи секое работно место, субвенционираме придонеси по вработен од секторите туризам, транспорт, угостителство за месец април, мај и јуни во висина од 50 отсто од исплатена просечна плата во државата. Услов за тоа е компанијата да не го намали бројот на вработени под бројот на вработени кој бил во февруари 2020 година, да не исплатила дивиденда во 2020 година и да нема награди и бонуси“.
*
Денеска со прес конференција се обратија и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски, заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
“Сите наши партнери и сојузници, сите 29 членки на НАТО и формално ја прифатија Република Севрна Македониај за 30-та земја членка. Вчера Сенатот на Кралството Шпанија само заради оваа причина првпат во својата историја гласаше по електронски пат, со видеоконференција и го ратификуваше Протоколот. Овој чин заслужува честитки и признанија дури и во овие денови на сериозни и тешки предизвици. Ова е голем успех за нашата генерација, во име на сите претходни и во име на идните поколенија“, изјави Спасовски.
“Членството во НАТО претставува затворање на едно важно поглавје во развојот на нашата држава, настан со кој Република Северна Македонија влегува во нова фаза на сопствениот развиток, период на поцврста безбедност и предвидлива стабиллност. Членството во НАТО значи припадност, споделување на вредностите на кои почива западната цивилизација и соодветно вклучување на нашата земја во овие текови. Тоа се вредностите на слободата, демократијата, правичноста и солидарноста. Вредности кои значат сигурна, стабилна и просперитетна иднина. Нека ни е честито членството во НАТО“, рече Османи на заедничката прес конференција.
„ Дојдовме до крајот на едно долго патешествие во кое учествуваа повеќе генерации политичари и граѓани. Ниту една политичка идеа во нашата независна држава, не преживеала како идеата за нашето за НАТО членство. Да со го честитаме членството во најголемата и најмоќната воено политичка алијанса, честитки за трпението, за вољата и за истрајноста, порача Шекеринска.
Министерката упати честитка и за припадниците на Армијата на Република Северна Македонија но и до НАТО.
-Ова е успех за нашата генерација, но и за оние претходните и за идните, рече Спасовски и додаде дека откако ратификацијата беше направена вчера во шпанскиот Сенат, потоа потписот го стави и шпанскиот крал, сега ратификациониот инструмент на Шпанија ќе биде депониран во Вашингтон, порача министерот за надворешни работи, Никола Димитров на конференцијата.
-И потоа ние од Алијансата ќе добиеме известување дека сите ратификации се депонирани и потоа можеме да ја депонираме и нашата. Република Северна Македонија е 30. членка на НАТО. Денеска со полно право можете да бидете горди. РСМ како членка на НАТО станува полноправен член во евроатлантското семејство на народи.
Димитров изрази верување дека членството во НАТО ќе помогне и во остварување на втората стратешка цел членството во ЕУ.
ИЗБОРНА ХРОНИКА: Предлог одлуката на Владата за одложување на изборите е во подготовка
Околу правниот аспект околу којсе собрааа правните експерти, претседателот на Собранието, Талат Џафери , на денешното обраќање пред јавноста објасни дека констатирале дека предусловите за одржување предвремени избори врз основа на одлуката за расшуштање на Собранието се невозможни и непотребни…
СЛОБОДНА ЗОНА:
Сашо Орданоски во колумната „Кога политиката ќе ја сретне короната“ дава појаснување за тоа како би требало да се перцепира воведувањето на вонредна состојба во земјава.
-За ВМРО-ДПМНЕ – кое инсистира на прогласување „кризна“, а не на „вонредна“ состојба – прашањето е од примарно политичко значење. Тие се во една крајно деликатна состојба. Од една страна, се разбира дека се загрижени за состојбата со ширењето на епидемијата на корона вирусот и, како и сите нормални луѓе и конструктивни фактори во општеството, сакаат што поефикасно решавање на кризата; но, од друга страна, јасно им е дека, во политичка, предизборна смисла, тој посакуван успех, по природата на работите, ќе оди на сметка на власта…
Од истите причини, за СДСМ, пак, прогласувањето „вонредна состојба“ е од големо значење: да, на Владата, во оваа ситуација, ѝ треба моќта да носи одлуки со законска важност, чие ефикасно спроведување би се почувствувало, имено, во сите, а не само во тесно-здравствената област.
На пример, чувствувам дека ова релативно одолговлекување со објавување на конкретни економски мерки за помош на стопанството и на населението е поврзано со одлуката за прогласување „вонредна“ состојба. Претпоставувам дека, така, би следувале владини одлуки, со сила на закон, кои ќе се однесуваат на одредени финансиски текови во државата… Кои, вака, не можат да бидат донесени.
Дијана Тахири во соработка со Ангела Петровска