Министерски форум за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан во Скопје
Република Северна Македонија денеска и утре е земја-домаќин на „Министерски форум за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан“, кој се одржува во националното Собрание под покровителство на Финското претседателство со Советот на Европската Унија.
Како што соопштија од МВР, земјите членки на ЕУ ќе бидат претставени од страна на министрите за правда и за внатрешни работи на Република Финска, високи претставници од Сојузна Република Германија и Република Хрватска, релевантните ЕУ комесари за правда, потрошувачи и родова еднаквост и за миграции, внатрешни работи и државјанство, Вера Јоурова и Димитрис Аврамопулос, како и други претставници на европските институции.
Преку 200 поплаки за повреда на правата на детето
Значително е зголемен бројот на поплаки за повреда на правата на детето. До Канцеларијата на Народниот правобранител досега се пристигнати над 200 поплаки, најмногу за згрижување на децата, за семејните права, личните контакти со родител, роднина, правото на издршка, старателство. Народниот правобранител постојано укажува и бара од сите инволвирани во процесот на грижа за децата да преземат поголема одговорност, но позначителни промени засега нема.
Советот на амбасадори бара одложување на изборите, за да продолжат реформите потребни за ЕУ
Здружението за меѓународна политика „Совет на Амбасадори“ им се заблагодарува на европските лидери и на комесарите на институциите на Европска Унија за нивната реална и морална политичка поддршка на Република Северна Македонија во нејзиниот долг и макотрпен пат кон зачленување во ЕУ. Таа поддршка посебна беше важна после одлуката на Европскиот Совет во октомври на земјата да не и се додели датум за преговори, наведува „Советот на амбасадори“.
Во тој контекст тие ги повикуваат лидерите на политичките партии претставени во Собранието, и согласно тежината на нивната политичка одговорност час побргу да ги заменат нивните теснопартиски интереси со државните интереси и да ја поместат одлуката за одржување на предвремени парламентарни избори до почетокот на летото или пак изборите да се одржат, во нивниот редовен термин на крајот на 2020 год.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Испорачаното досега од земјава e за почит и тоа треба соодветно да биде валоризирано од страна на ЕУ што е можно поскоро, истакна еврокомесарката за правда, потрошувачи и родова еднаквост, Вера Јоурова изразувајќи поддршка за нашите ЕУ аспирации на денешната средба во Скопје со шефот на дипломатијата Никола Димитров.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска се сретна со неговата финска колешка Мариа Охисало, на која тој изрази задоволство што земјава е домаќин на Министерски форум ЕУ/Западен Балкан за правда и за внатрешни работи, кој е организиран во рамки на Финското претседателство со Советот на ЕУ.
Премиерот Зоран Заев денеска имаше средба со делегација на Република Финска предводена од министерката за внатрешни работи Марија Охисало, на која било разговарано за новата методологија за преговори за членство во ЕУ предложена од Франција, за почитувањето на меѓународно признатите норми за справување со мигрантската криза, како и за мерките и соработката со земјите од регионот.
Министерката за надворешни работи на Кралство Шведска, Ан Линде денеска престојува во официјална посета на Република Северна Македонија на покана на нејзиниот македонски колега, шефот на дипломатијата Никола Димитров.
Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем е здрав, оцени тимот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кој престојуваше во нашата земја заради спроведување на редовниот годишен преглед на македонската економија. Во текот на изминатитe денови, како што соопшти Народната банка, тимот оствари повеќе работни средби со претставници на Народната банка и на Министерството за финансии.
Во неделата која измина, заврши кампањата на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, насловена „Денови на медиумска писменост 2019“, која траеше од 22 октомври до 15 ноември. АВМУ ги презентираше најновите наоди од истражувањето на медиумската писменост кај популацијата во државата, подготвено од експертката по медиумско право, Снежана Трпевска.
СКЕН – политички видео магазин: Говор на омраза и (не)казнивоста
Говор на омраза има насекаде, почнувајќи од спортските натпревари, графити на ѕидовите, јавните градски превози, социјалните мрежи, завршувајќи до партиските говорници.
Причините за ширење на говор на омраза е исполитизираното општество како и неказнивоста. Кој шири говор на омраза – е тема на денешната епизода на СКЕН.
МИСЛА
Ќе му пресуди ли ДУИ на СДСМ? е насловот на најновата колумна на Сашо Орданоски во која тој пишува: „Македонија секако на овие избори ќе излезе како членка на НАТО и со симболички напредната агенда кон ЕУ, па кој како сака тоа изборно да си го толкува. За состојбата на социјалата и економијата дебатата е отворена и главно се води помеѓу рационалноста на статистичките показатели и емоциите и идеологијата на оние кои полемизираат. За случувањата со правната држава, пак, сите се кабаетлии и таму трката е прилично мртва и прилично депресивна…“
„Широко отворениот фронт против криминалот и корупцијата, чија ударна сила бездруго е насочена кон некогаш недопирливите, денес веќе го крши оној бетон на увереноста за безбедната позиција што до неодамна ја обезбедуваа незаконски соѕиданите империи. Впрочем, за тоа сведочи и галеријата на ликови чии портрети од ден на ден сè повеќе ја надополнуваат поставката на црната хроника, што само по себе ја изнудува констатацијата дека, ете, традиционалниот пријателски однос, блискоста и спрегата меѓу власта и криминализираната бизнис елита добиваат деструктивен карактер. А, од тоа разорување на сојузот, покрај, се разбира, државата и граѓаните, најголем бенифит секако има и власта, па оттука, тешко е да се препознае поинаква логика од онаа која сугерира жестока пресметка со криминалците, независно од нивните пари, моќ, блискост до одредена политичка формација и слично“, пишува Милан Банов во денешната колумна „Обвинетиот обвинува“.
Маја Ивановска
во соработка со: Ангела Петровска, Дехран Муратов, Петар Клинчарски, Сашо Орданоски и Милан Банов