ЕУ ќе се наврати на проширувањето до мај 2020
Претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск порача дека Европската Унија ќе се наврати на проширувањето до мај 2020, пред Самитот во Загреб откако земјите членки не успеаја да постигнат договор за почеток на преговори со Албанија и Македонија.
Канцеларката Ангела Меркел на прес-конференција изрази дека „многу жали“ што ЕУ не успеа да постигне консензус и посочи дека против биле Франција, Данска и Холандија.
Туск и Јункер: Непостигнувањето консезус за Северна Македонија и Албанија е историска грешка на Европската Унија!
На заедничката прес конференција на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и претседателот на европската комисија, Жан Клод Јункер, двајцата го изразија своето разочарување околу недонесувањето на одлука за датум за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
„Немањето одлука за датум за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија не е вина на двете земји. Двете земји имаат парво да ги почнат преговорите со ЕУ денес. Тие се подготвени. За жал, дел од земјите членки се уште не се подготвени. И затоа не успеавме да постигнеме согласност. Јас, лично, ова не го сметам за неуспех, туку за грешка. Двете земји го положија испитот. Не можам тоа да го кажам и за земјите членки. Сакам да испратам порака: Ве молам не се откажувајте! Не се сомневам дека еден ден ќе станете полноправни членки на ЕУ“, изјави пред малку претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
Пендаровски: Ние во Европа не гледаме непријатели, само држави со специфични национални интереси
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, се обрати до граѓаните по Самитот на ЕУ во Брисел. Во своето обраќање зборува за одлуката на Самитот и повикот за лидерска средба.
Како што истакна иако заклучоците на Самитот не се во согласност со нашите очекување, сепак треба да се разберат одлуките на ЕУ. Што се однесува за лидерската средба, Пендаровски ја закажа на 20 октомври, недела. За времето и местото дополнително ќе одлучува.
„Сега не е време за разочарување, за апатија или за калкулации за добивање на ситни дневно-политички поени. Сега е време за повторно обединување околу она што ни е најважно во Република Северна Македонија – нашата иднина и иднината на генерациите што доаѓаат. Јас сум длабоко уверен дека само ако работиме заедно – ќе успееме!“, изјави Пендаровски.
Османи: Денешната неправда не смее да не одалечи од нашите напори за влез во ЕУ
Ние сме дел од Европа и денешната неправда не смее да нѐ оддалечи од нашите напори да продолжиме со имплементацијата на реформите, изградбата на добрососедските односи и негувањето на соживотот и мултикултурното општество, односно едноставно, да продолжиме во изградбата на европска Република Северна Македонија, објави денеска на Фејсбук вицепремиерот задолжен за европски прашање Бујар Османи.
– Јас немам дилеми дека европскиот кредибилитет не само во земјава, туку и во целиот регион од денеска е нарушен. И тоа е нормална, логична и природна последица кога една Унија изградена на принципи ќе го наруши основниот принцип и нема да го одржи сопствениот збор. Но, тоа не смее да нѐ оддалечи од европските вредности, наведува Османи во објавата.
Макрон ја доведе во прашање иднината на проширувањето на ЕУ
Францускиот претседател, Емануел Макрон во првото обраќање пред јавноста откако ги блокираше преговорите со Македонија и Албанија вчера, порача дека полноправното членство на ЕУ не треба повеќе да биде единствената политика кон земјите од соседството на ЕУ, доведувајќи го за прв пат јавно во прашање европската иднина и перспектива на земјите од западниот Балкан дадена во Солун во 2003.
Села: Владата е некомпетентна, потребни се предвремени избори
На денешната прес конференција на Алијансата за Албанците, лидерот на партијата Зиадин Села изјави дека за недавањето датум за претпристапни преговори за членство во ЕУ, е виновна само Владата. Тој побара и предвремени парламентарни избори.
ВМРО – ДПМНЕ бара оставка од премиерот Заев и предвремени парламентарни избори
Недобивањето датум за преговори е лоша и непосакувана вест. Треба да бидеме свесни дека државата влегува во едно големо разочарување, а сето тоа е последица на погрешните политики водени во последните неколку години, рече лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан се огласи на Твитер по неуспехот на лидерите на ЕУ да донесат јасна и суштинска одлука, како што ветија во јуни, за стартот на преговори со Македонија и Албанија.
„ЕУ лидерите не успеаја да ги исполнат своите заложби за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија на Европскиот Совет. Ова претставува екстремно разочарување. Земјите членки на ЕУ сега треба да се изјаснат за тоа колку е сериозна нивната заложба кон ЕУ интеграцијата на Западниот Балкан. Да се одбие признанието на докажан напредок ќе има негативни последици, вклучително и ризикот од дестабилизација со целосен импакт врз ЕУ“, предупреди Хан.
Најмалку што Европската Унија му должи на регионот е да биде јасна кон нас. Ако не постои веќе консензус за европската иднина на Западниот Балкан, ако ветувањето од Солун во 2003 повеќе не важи, граѓаните заслужуваат да знаат, напиша на Твитер македонскиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, на прес конференција побара лидерска средба, но потврди дека ќе учествува и ако средбата ја свика и иницира претседателот Стево Пендаровски. Мицкоски рече дека не е важно кој ја иницира, туку важно е да се одржи таква средба час поскоро.
„Јас повикувам на лидерска средба. Но еве ако претседателот повикува за во недела, за да бидам појасен, ќе учествувам, но треба и официјално да добиеме покана“, изјави Мицкоски.
Со новиот Закон за основно образование, но и со страриот, е предвидено како обврска на родителите кога ќе ги запишаат нивните деца во прво одделение да доставаат и потврда за примање на задолжителни вакцини. Во мај информиравме дека треба да бидат примени сите пријави за запишување, но до 1 септември треба и вакцинација, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми во врска со вакцинацијата на децата при неговата посета на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ утре во Прилеп ќе оддржи семинар за транспарентни и одговорни политички процеси
Вториот регионален семинар за транспарентни и одговорни политички процеси ќе се одржи утре, (на 19 октомври), во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп.
Новата серија на семинари на ЦИВИЛ посветени на транспарентни и одговорни политички процеси се мошне динамични, со интензивни предавања и практични вежби, каде учесниците имаат можност да се запознаат со основите на новинарството, граѓанското учество и активизмот и борбата за човековите права и слободи.
Дел од предавањата се посветени на новите технолошки придобивки како инструмент во борбата за транспарентни и одговорни политички процеси.
НИЕ и зелените вредности
Зелените вредности не подразбираат исклучиво екологија. Тоа се сет можности кои на пиедестал ги ставаат човековите права и слободи и човековото достоинство. Секој заслужува зелена иднина, заштитена животна средина, еколошка правда и гаранција за одржлив развој на заедницата.
МИСЛА
Рафал: ЏАБИР ДЕРАЛА
Разбојници и фолиранти!
Значи, да повториме, работеа и работат против македонскиот напредок, против воспоставување на правниот поредок, се обидоа да извршат државен удар, ги блокираат сите процеси, испраќаат писма и се јавуваат кај сите свои контакти што се доволно пристојни да им кренат слушалка и безочно лажат и кудат, онака како што им диктира некој што е против македонските, но и европските интереси. Прочитани се одамна, а сѐ помалку се и оние што ги сослушуваат од чиста куртоазија.
Жешка политичка есен за слатка политичка пролет
пишува: ВЕЛИН СТОЈАНОВСКИ
Живееме во поднебје кое низ историјата било буре барут. Со влезот во алијансата никогаш повеќе во ова поднебје нема да се зборува за војни и конфликти туку ќе се зборува за мирот, за заедничкиот живот, за среќата, за европските вредности, за инвестициите кои донеле благосостојба и ќе се раскажуваат впечатоците од патувањата низ целиот свет…
Затоа почитувани политичари смирете ја топката, поправете ја реториката, засукајте ги ракавите и работете во интерес на сите нас. Пролетта брзо ќе стаса со своите слатки плодови: членство во НАТО и почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Дехран Муратов во соработка со: Биљана Јордановска, Ангела Петровска, Џабир Дерала, Маја Ивановска, Диана Тахири