ДКСК со Годишен план за следење на имотна состојба
Државната комисија за спречување на корупцијата, согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, соопшти дека усвојува Годишен план за наредна година, за следење на имотна состојба и судир на интереси, врз основа на извршена анализа и проценка на ризици од корупција во одредени области, што е и основа за изготување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси. ДКСК извести дека подготовката на Националната стратегија врз основа на анализата на ризици е во тек.
„Согласно утврдените ризици во споменатата анализа, правосудството е оценето како столб со висок ризик од коруптивни и други влијанија, па оттаму носителите на функции од овој столб (судиите и јавните обвинители) ќе бидат дел од Годишниот план за следење на имотната состојба и судирот на интереси за 2020 година.
Годишниот план ќе се утврди и ќе се спроведе врз основа на законските надлежности а согласно расположливите човечки и материјално – технички капацитети на Државната комисија.
Џафери: Седницата за автентичното толкување најрано на 11 декември
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска до Владата и до претседателката на Законодавно-правната комисија ќе достави писма со барањето од СДСМ за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување.
Џафери изјави дека со ова ќе започне собраниската процедура за барањето за автентично толкување, но предупредува дека и ЗКП и мислењето од Владата да стасаат до него во најскусо време, пленарна седница може да се закаже дури по завршување на дебатата за Буџетот на Комисијата за финансирање и буџет, по 11 декември.
Дендиас: Одлуката за преговори за Северна Македонија и Албанија не треба да се забави поради дискусијата за методологијата
Шефот на грчката дипломатија објаснува дека и во интерес на Грција е земјите од регионот да станат дел од европското семејство, а во однос на веројатноста на изборите кај нас да победи ВМРО-ДПМНЕ, истакнува дека Атина не се меша во внатрешноста на другите земји, но очекува кој и да е на власт, Договорот од Преспа, целосно да се имплементира.
– Ја поддржуваме позицијата на Франција за потребата за одново разгледување и оптимизирање на методологијата на интегративниот процес. Но, соодветната дискусија не треба да ги забави носењата одлуки за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Во врска со можноста ВМРО-ДПМНЕ да победи на изборите, повторувам дека нашата земја не се меша во внатрешните работи на други земји. Очекуваме од соседот и наскоро сојузник во НАТО, Република Северна Македонија, независно од владите, целосно и точно да го имплементира Договорот од Преспа, вели Дендиас.
Во Владата ќе биде одбележен Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Националното одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост ќе биде одржано денеска во Владата на Република Северна Македонија.
Во рамки на настанот ќе се одржи и завршната конференција од проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија. Проектот е финансиран од Европската Унија.
По повод 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, ЦИВИЛ Медиа разговараше со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која истакна дека МТСП и Владата целосно се залагаат за унапредување на правата на лицата со попреченост.
Царовска: Лицата со попреченост за првпат имаат личен и работен асистент
„За првпат во нашата држава се воведе право кое се однесува на интелектуалната попреченост, а тоа е додаток за лица со тешка и најтешка интелектуална попреченост, а тоа е околу 8.000 денари, дотогаш го немаше тоа право и тие граѓан(к)и беа оставени на маргините без никаква поддршка. Дополнително го зголемивме за 20 проценти посебниот додаток за децата што се со попреченост. Ова се да кажам финансиските трансфери што ги зголемуваме. Исто така и родителите на децата со пореченост, прво немаат ограничување до која возраст може да го користат правото на скратено работно време, а второ е дека сумата која ја добиваат од државата, ако порано беше 4.700/900, сега ја направивме до 50 проценти од просечната плата, а во некои случаи покриваме уште 50 проценти, односно до 100 посто на платата кај пониските плати. Тоа е навистина големо зголемување на платата за оваа група на родители кои имаат деца со попреченост.“ изјави меѓу другото Царовска во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа.
ЦИВИЛ по повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, 3 декември, организира панел дискусијата под наслов „Рампа“, посветена на (не)прифатеноста на лицата со посебни потреби во општеството, како и на процесите за деинституционализација и пристапноста до услугите од институциите на локално и на национално ниво. Панел дискусијата се одржува на 3 декември, во Музеј на Град Скопје со почеток во 12 часот.
Панелисти на оваа исклучително важна тема се Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје, Душан Томшиќ и Вангел Тркаљанов од Министерството за труд и социјална политика, Благица Димитровска од Здружение за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“, Куманово, Сандра Пешевска Мицковска, активистка за правата на лицата со посебни потреби и Џабир Дерала, ЦИВИЛ.
Оваа година, ЦИВИЛ одбележува 20 години од основањето, време исполнето со искрена и посветена борба за човекови права и слободи. Имено, првиот проект и јавен настап на ЦИВИЛ пред 20 години е поврзан токму со човековите права на лицата со посебни потреби, како и со поставување на првата пристапна рампа во јавна институција, а тоа беше Музејот на Град Скопје.
Мисла
Во рубриката Мисла на ЦИВИЛ Медиа денеска можете да прочитате:
Добро утро со Орданоски: Општата смрдеа од согорувањето ѓубре
Во последниот број на неделникот „Фокус“ прочитав многу интересен текст на портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, колегата Наум Стоилковски. Во текстот тој ја проблематизира – веројатно со право – идејата на општина Неготино „да гори белосветски отровен смет“ на депонијата што се подготвува да се изгради на десетина километри од градот, во насока кон Криволак. Во текстот, да скратам, Стоилковски имплицира дека ќе се гори високо-загадувачки, забранет отпад кој би се увезувал и од Италија, а зад кој, наводно, стои добро познат и меѓународно документиран канал на големата италијанска мафија со отпад (извесни Пине Цезура и Серџо Гоца) која на европскиот континент полициски е гонета или осомничена во повеќе земји (Италија, Албанија, Романија, Бугарија, Германија итн.). Таков отпад, меѓу другото, вели Стоилковски, се гори во ТЕЦ „Брикел“ во Галабово, во соседна Бугарија.
Триесет години во енциклопедијата на мртвите од Милан Банов
„Деновиве кога навршија три децении од смртта на веќе легендарниот Данило Киш и кога, како што би рекол Тој, годините создале „горчлив талог на искуството“, не само со повод, повторно си го поставувам прашањето: зошто никогаш не успевам да се ослободам од него и зошто низ повеќегодишната клепсидра, низ тој песочник на времето, не истекува во неврат ни зрнце сеќавање од неговата присутност? Или, зошто не минува ден во кој нема да ја свртам енциклопедијата на мртвите за одново да го пронајдам на некоја денешна мансарда каде, еве го гледам, со густа борхесова четка ја чисти мемлата од неа. И да, зошто го сакам Киш и зошто, со извесни скратувања и сосема ситни интервенции, се навраќам на нешто напишано пред десет години.“
Дневникот го подготви Дијана Тахири во соработка со Ангела Петровска, Дехран Муратов, Биљана Јордановска, Маја Ивановска, Сашо Орданоски и Милан Банов.