Вест на денот: Уставниот суд денска не поведе постапка за „27 април“
Иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за амнестија во целина, поднесена од Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес и иницијативата за членот 2 од истиот закон поднесена од адвокат Јошевска Анастасовска, Уставниот суд ги разгледа како прва точка на денешната втора седница.
Ставовите на уставните судии беа поделени. Уставниот судија Насер Ајдари, образложувајќи ги иницијативите, рече дека барањата за утврдување на уставност треба да се отфрлат како неосновани бидејќи судот веќе се има произнесено по овој закон.
Тема на денот: Владата ги поништи разрешувањата и именувањата на Мизрахи на в.д. директори во центри за социјална работа
Владата донесе одлука за поништување на одлуките на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи за разрешување и именување на вршители на должност директори на центри на социјална работа во Штип, Битола, Пробиштип, Валандово, Прилеп и Радовиш. Од Владата соопштуваат дека техничката министерка спротивно на Законот и со притисок врз вработените во архива (со писмена наредба) ги донела решенијата за разрешување и решенијата за именување на други вршители на должност директори во јавни установи – меѓуопштински центри за социјална работа, се додава во објавата на Владата.
Блиц: Бавноста на Уставниот суд им дава простор на валканите пропагандисти
коментира: Џабир Дерала
Уставниот суд не поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на Законот за амнестија во целина, додека иницијативата за оценка на членот 2 од истиот закон е отфрлена, бидејќи веќе се одлучувало за тоа. Вест која и не би требало да значи многу во оваа општа предизборна калакурница.
Прочитајте го целиот коментар ТУКА
ПОЛИТИЧКИ ОК КОРАЛ: Многу џедаи, нула решенија!
Оралните пресметки помеѓу политичките партии продолжуваат со несмалено темпо, со пресови и соопштенија едно по друго. Преспанскиот договор останува како оска околу која ќе се кршат копјата помеѓу ВМРО -ДПМНЕ и СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ сѐ повеќе ја изострува токсичната реторика.
Од СДСМ се јавуваат со своите успеси за време на нивниот мандат, за успешните политики на СДСМ ја кои намалија невработеноста на 17.1% и отворија нови 60.000 работни места и дека оперативниот план за вработување за 2019 година е реализиран со огромни 98,6%.
На празните и бесмислени закани од ВМРО-ДПМНЕ дека „кога ќе дојдат“ на власт, „џедајски“ ќе го поништат Договорот од Преспа, од СДСМ велат дека најавите на ВМРО-ДПМНЕ за поништување на Договорот од Преспа претставуваат директна закана за полноправно членство во НАТО, ЕУ перспективата и воопшто иднината на државата.
Со реакција се активира и „независната“ пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, додуша малку нејасно, но сепак, легитимно. „Независните“ од ВМРО во целост ги отфрлаат лажните наводи изнесени од пратеникот Антонио Милошевски, вчера на емисијата „Што не е јасно” на Алфа телевизија, каде што ги обвини за поткуп на за гласањето на уставните измени. Независно.
Во меѓувреме, не се знае што точно размислуваат од ДУИ, бидејќи , освен површните активности на Бујар Османи со промовирање на потпишан договор за изградба на дури 2 километри автопат од пограничното село Блаце до границата со Република Косово, од ДУИ си молчат удобно и самозадоволно во своите децениски зафатени владини и собраниски фотељи. Како што се развиваат работите, фотељите ќе им останат топли.
За паралелната „опозиција“, (паралелната бидејќи во земјава имаме паралелни политички опции од „етнички“ декларативни побуди) од албанскиот блок политички партии, сѐ уште не се знае дали ќе формираат коалиција. До сега е познато само дека се борат против имагинарен државен непријател бр.1, а тоа, се разбира е ДУИ, а имагинарен е затоа што и „борбата“ против ДУИ им е имагинарна. Како маалски Џедаи.
НЕ ПОМАЛКУ ВАЖНО:
Во Собрание денеска продолжи 123-та седница на чиј дневен ред беа двата предлог закони за измени и дополнувања на Изборниот законик, на кој беа поднесени неколку илјади амандмани. Измените предвидуваат една изборна единица и отворени листи. Партиите немаат постигнато консензус по прашањето на промени на Изборниот законик.
Државната комисија за спречување на корупцијата бара да се зајакнат критериумите за доделување на државна помош за печатените медиуми и медиумите да не добиваат буџетски пари за изборни кампањи. Годинава, Владата ќе им додели на печатените медиуми субвенции од 50 милиони денари, или 813.000 евра.
В.д. претседателот на Врховниот суд Фаик Арслани денеска соопшти дека Во моментот на примо-предавањето на функцијата во кабинетот на поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски беа затечени триесетина стари предмети кои беа со донесени одлуки, делумно потпишани од судиите, а делумно не.
Владата на Шпанија побара од Парламентот протоколот да биде ратификуван по итна постапка имајќи предвид дека Шпанија е последна од 29-те членки на НАТО што тоа го нема направено
Јавноста реагираше позитивно за позитивната одлуката на Владата за барањето на Собранието за предлог-законот за субвенциониран студентски оброк. Предлог законот предвидува по 120 денари дневно или по 2.400 денари месечно за секој студент да може да си дозволи здрав студентски оброк.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Ново издание на политичкиот магазин СКЕН: Емел Рамковска, жртва на режимот
ЦИВИЛ организира семинар за транспарентни и одговорни политички процеси кој ќе се одржи на 25 јануари во Гостивар, а е наменет за граѓанките и граѓаните од Полошкиот регион. Аплицирањето за учество на семинарот е во тек, а учеството е еден од предусловите за мониторирање на претстојните предвремени парламентарни избори.
СЛОБОДНА ЗОНА
Во денешната утринска колумна „И Трамп и Шилегов го имаат истиот проблем“, Сашо Орданоски се осврнува на глобалниот модел на справување со проблемот на деградацијата на животната средина и справувањето на градоначалникот Шилегов со скандалот со депонијата Дрисла.
„Ајде милиони тони донесен отпад од Италија, преку Бугарија, или од други европски земји, таа шема уште и ја разбирам; но, какво ли ѓубре во илјадници тони сме увезле, по ѓаволите, од Пакистан!? Неколку пати сум бил во тој Пакистан, земја со 218 милиони жители и со респектибилен арсенал од нуклеарно оружје, и слободен сум да ве известам дека, по слободна проценка, нема таков отпад што таму не може да се обработи или да се фрли по депонии (помалите се со големина на Скопје), или макар преку границата со Авганистан (под услов да го преживеете транспортот преку ФАТА регионот на талибанските племиња).“
Од корнер, и Зоран Иванов во денешната колумна „Човекот мами“ пишува за намерата на Мицковски за менување на преспанскиот договор откако ќе дојде на власт.
„Ќе го менувал Преспанскиот. Не, ниту запирка ќе смени. И тоа тој многу добро го знае. Во спротивно, ако пак во тоа си верува, би значело дека има проблем. И тоа многу голем проблем. И дека му треба помош. Во речникот на странски зборови тоа е запишано како митоманија. Да веруваш во неверојатното, во митот. И, велат, со малку повеќе напор, било излечиво.
Дијана Тахири во соработка со Дехран Муратов, Џабир Дерала, Сашо Орданоски и Зоран Иванов