Печатењето пари апсолутно не е опција во овој момент, ние сме далеку од размислувањата за катастрофични сценарија, изјави претседателот Стево Пендаровски по состанокот на Советот за бебедност, одговарајќи на новинарско прашање дали една од економските мерките е и печатењето пари, по урнекот на некои држави.
– На состанокот на Советот за безбедност беше и гувернерката на Народната банка и според она што го презентираше, ние не сме идеални во економскиот дел, бидејќи пандемијата си го зема својот данок, но далеку сме од размислувања за катастрофични сценарија. Печатењето пари не би требало да биде варијанта во ниту една ситуација, бидејќи кога ќе помине целата кризна сиуација ќе предизвика уште поголеми негативни реперкусии и по нашата национална економија, рече Пендаровски.
*
Премиерот Оливер Спасовски, во вечерашното гостување на „Топ тема“ се осврна на реакциите во јавноста за вториот сет мерки на Владата, сметајќи дека тие нудат директна помош за компаниите, задржување на работните места на работниците и генерално за граѓаните.
За мерките вредни 200 милиони евра рече дека нудат предвидливост на економијата. Според него, парите веројатно и не се доволни, но, не исклучува дополнителни мерки за помош на економијата во иднина.
*
Во Секретаријатот за европски прашања (СЕП) покрај редовните заклучоци за конституирање на работата на телото и утврдување на неговиот делокруг на работа, уште на самата конститутивна седница Координативното тело донесе одлука да ги задолжи општините веднаш да формираат посебни штабови за справување со предизвиците од епидемијата и тоа, покрај единиците на локална самоуправа како надлежно тело, и да се воспостават и на ниво на месни заедници, со што ќе се обезбеди поблиска координација со потребите на граѓаните и поблизок пристап директно на терен.
*
Донесени се важни одлуки, државата ги спасува работните места на граѓаните. Драго ми е што денеска Владата на Северна Македонија прифати и усвои голем дел од економските мерки што ги предложивме јас и економскиот тим на СДСМ, но и донесе дополнителни мерки, напиша на неговиот Фејсбук профил лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тој наведе тоа се сериозни чекори кои ќе значат зачувување на работните места на граѓани во фирмите погодени од кризата со корона вирусот, мерки што ќе значат гарантиран приход кај секој работник додека трае кризата.
*
Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција истакна дека мобилната болница ќе биде целосно во функција до крајот на неделата, но сѐ уште нема потреба од користење на нејзините капацитети.
-На Клиниката за инфективни болести се лекуваат 54 пациенти. Четворица се критични, а 20 имаат потреба од кислородна маска. Се поставуваат креветите во мобилната болница, завршено е греењето и ладење. До крајот на неделата целосно ќе биде во функција, но се уште нема потреба од тие капацитети. Капацитетот на Клиниката е 50 посто исполнет, рече Филипче.
Во Куманово се работи интензивно, будно ја следиме состојбата. Земени се повеќе материјали во однос на претходните денови, но многу е рано да се каже дали е ова драматично зголемување на заболени од коронавирусот или не, истакна на денешната прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче. Тој појасни дека врз основа на денешните тестови ќе се процени во која насока ќе оди детекцијата на случајот во Куманово.
Дехран Муратов
ДНЕВНИК ВО 17:00