Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи денеска одржа видео-конференциски состанок со еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји, на кој разговарале за активностите на Владата и на Координативниот штаб во справувањето со предизвиците од епидемијата Ковид 19, како и можностите за подлабока соработка во оваа насока со институциите на ЕУ. Како што соопшти СЕП, двајцата се осврнале и на итната помош што ЕУ ќе ја додели на нашата земја преку итната помош и со пренамена на дел од ИПА средствата.
*
Владата додели 78 милиони денари за организирање и реконструкција на јавните површини во просторот на Клинички центар „Мајка Тереза“, Скопје за поефикасно функционирање и укажување на здравствени услуги, пренесување и транспорт на пациенти заболени од коронавирусот и непречено функционирање на останатите клиники во Клиничкиот центар во услови на зголемен обем на работа за време на вонредната состојба.
*
Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе 38 предлози за казнени налози против вкупно 43 лица за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Предложени се и казни од по 2.000 евра за секој од нив.
*
Владата донесе времена забрана за вработување во јавниот сектор, освен во здравството, се забранува и набавка на мебел, опрема и возила, а јавните претпријатија и АД во државна сопственост треба да ги намалат тековните расходи за 15 проценти за 2020, за да се намалат непродуктивните расходи во периодот на справување со здравствено-економската криза предизвикана од корона вирусот.
*
„Лицата во изолација ќе бидат следени електронски, тоа е нешто што го работиме заедно со Министерството за администрација и информатичко општество, веќе се изработува една апликација по примерот на повеќе европски земји. Мислам дека е нешто што навистина може да користи, посебно во некои делови земјата“, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција, додавајќи дека апликацијата ќе биде презентирана во јавноста веднаш по нејзиното техничко изготвување.
*
„Министрите за надворешни работи на 30 држави на НАТО ќе разговараат в четврток на својата прва видео конференција во историјата, за одговор на Алијансата на пандемијата на коронавирус и други клучни прашања“, објави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
*
„Не може преставник на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која по цел свет раскажуваше дека имаме евтина работна сила со минимална плата од 8.000 денари, со работна сила поевтина и од Африка, денеска да кажува дека помош од 14.500 денари месечно е недоволна“, посочи Фатмир Битиќи, претседателот на Комисијата за финансии на СДСМ, одговарајќи на прашањето за ставовите на ВМРО-ДПМНЕ дека помошта била мала и недоволна.
*
„Многу малку знаеме за КОВИД-19, инфекцијата и болеста се сериозно непредвилдиви – само тоа е сигурно. Сепак, досегашното искуство покажа дека 80 отсто од пациентите развиваат многу благи симптоми или воопшто не ги забелужуваат. Стравот кај граѓаните треба да биде присутен, но не смееме да дозволиме да биде паничен“, рече директорката на Инфективната kлинина, д-р Милена Стевановиќ во вечерашната „Топ тема“.
*
Вкупно 158, од 546 пристигнати иницијативи, одат во фаза на финална селекција на јавниот повик КРЕАТОН наменет за креирање на дигитални алатки и решенија за справување со последиците од Ковид-19, информираат од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР). Сите апликанти чии иницијативи поминаа претселекција, во следните 48 часа треба да изработат на активности и буџет, како и куса видео презентација пред Комисијата за евалуација и избор. Комисијата е составена од членови на Амбасадата на Швајцарија, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ, МАСИТ и ФИТР, а предлозите се оценуваат според степен на иновативност, рок и механизми за реализација, капацитет на проектниот тим и влијание.
Б. Јордановска